Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Повеќе од две години по почетокот на агресијата на Москва врз нејзиниот сосед, Украина, вооружените сили на Киев тешко се справуваат со руската армија, а воената помош од Западот се намалува.

– Војната веќе не е концепт од минатото, таа е реалност, предупреди полскиот премиер Доналд Туск во интервју со европски медиуми минатата недела. На 24 март, полската армија детектира нарушување на воздушен простор од 39 секунди од руска крстосувачка ракета, по втор пат од крајот на декември.

– Она што е најзагрижувачки е дека секое сценарио е можно. Знам дека звучи поразително, особено за младите генерации, но мора да се навикнеме на фактот дека започна нова ера: предвоена ера, рече Туск.

Киев предупредува дека залихите на муниција се празнат и дека се потребни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, муниција, проектили и воени авиони за одбрана од руската инвазија.

Во интервју со „Фајненшл тајмс“, претседателите на Летонија и Естонија, Едгарс Ринкевичс и Алар Карис ги повикаа другите европски земји да се подготват што подобро за можна вооружена конфронтација со Русија, од регрутирање до воспоставување на посебен одбранбен данок и значително зголемување на воените трошоци.

Ринкевичс верува дека европските земји треба да разговараат за враќање на задолжителниот воен рок со цел да се зголеми бројот на вооружените сили. – Сериозно треба да се разговара за регрутирање, рече тој, нагласувајќи дека вооружените сили ширум Европа се соочуваат со проблеми при регрутирање.

Друга опција е враќање на воена потрошувачка од времето на Студената војна. – Овде, во овој дел на Европа и светот, разбираме дека треба да достигнеме три проценти од БДП за одбраната, објасни претседателот Ринкевичс.

Карис, пак, наведе дека САД покриваат 68 отсто од целокупниот трошок за одбрана на НАТО – 860 милијарди долари минатата година во споредба со 404 милијарди долари за европските членки и Канада. – Мораме нешто да направиме, барем да е 50-50, предупреди тој.

Тензии помеѓу Германија, Франција и Полска за тоа како најдобро да се поддржи Украина

– Ние стоиме заедно, оцени германскиот канцелар Олаф Шолц на 20 март на состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск. – Ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно, најави Шолц и додаде дека ќе се погрижи НАТО да нема директен удел во борбите. Германскиот канцелар се спротивстави на изјавите на Макрон дека во иднина, НАТО сојузниците треба да пратат трупи во Украина. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави пред италијанскиот Сенат дека и таа е против идејата за испраќање војници, бидејќи тоа би било „опасна ескалација што мора да се избегне по секоја цена“.

Трите лидери се состанаа за време на јавните несогласувања и тензии помеѓу Германија и сојузниците за тоа како најдобро да се поддржи Украина. Шолц се најде на мета на меѓународна критика поради неговото одбивање да ѝ испрати крстосувачки ракети „Таурус“ на Украина, за да се избегне ризикот од ескалација на војната.

– Едноставно, како германски канцелар, нема да испраќам војници од нашиот Бундесвер во Украина, нагласи Шолц како одговор на коментарите на Макрон, користејќи го германското име за војската.

Полскиот министер за одбрана го поддржа ставот на Макрон и на 20 март повторно го критикуваше ставот на Шолц против испораката на ракети за Украина.

Доналд Туск, премиер на Полска. Фото: Криштоф Зодер/дпа

Германија ќе го зголеми буџетот за одбраната

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер најави зголемување до девет милијарди евра во федералниот буџет од 2028 година за одбрана. Со дисциплинирано управување со буџетот, соодносот на долгот повторно ќе биде под 60 проценти од БДП пропишан од ЕУ, изјави тој за германската прес агенција ДПА. – Ако паднеме под оваа граница, тогаш враќањето на долгот по коронавирус планиран од 2028 година може повторно да се дискутира. Парите можат да се пренасочат во буџетот за одбрана.

Федералната влада подигна итни заеми во вкупна вредност од 300 милијарди евра во 2020, 2021 и 2022 година за справување со коронавирусот и војната во Украина. Отплатата е планирана да започне во 2028 година и ќе трае повеќе од 30 години. Според Линднер, се планира отплата од девет милијарди на годишно ниво. – Меѓутоа, ако за тоа време се надмине товарот од пандемијата на нивото на долгот, отплатата би можела значително да се намали. Така на располагање ќе останат милијарди, што ќе ни помогне да го постигнеме скокот кон целта на НАТО во федералниот буџет по завршувањето на специјалната програма на Бундесверот, најави тој. Според последните пресметки на НАТО, Германија одвоила 1,66 отсто од БДП во буџетот за одбраната во 2023 година.

Франција цели кон зголемување на производството

Во меѓувреме, француската Влада ја притиска одбранбената индустрија да го зголеми производството за да се задоволат потребите на армијата и да се обезбеди континуирана поддршка за Украина по повеќе од две години војна со Русија.

Францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну рече дека Париз ќе испорача „стотици“ оклопни возила и противвоздушни ракети како дел од новиот пакет помош за Украина во војната против руските сили.

– За да се одржи толку обемна линија на фронтот, на украинската армија и се потребни, на пример, нашите оклопни транспортери. Тоа е апсолутно клучно за мобилноста на војниците, рече Лекорну во интервју за неделното издание на францускиот весник „Ла Тријун“. Француската војска моментно ги заменува своите оклопни транспортери ВАБ, стари повеќе од 40 години, со нова генерација оклопни возила, но министерот додаде дека постарите модели „сè уште се исправни“.

– Во многу краток временски период развиваме далечински управувана муниција со цел да се испорача за Украина почнувајќи од ова лето, додаде тој.

ЕУ ја потврдува поддршката кон Украина

– Го потврдивме единството на Европа, изјави претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел, резимирајќи го првиот ден од Самитот на ЕУ во Брисел на 21 март. Тој вети дека 27-те земји членки сакаат „брзо да напредуваат“ во однос на профитите од замрзнатите руски средства, дека „ја разбираат сериозноста на ситуацијата и дека се решени да направат повеќе за Киев“. Претседателката на Европската Унија, Урсула фон дер Лајен најави дека со договорот за профитите од замрзнатите средства, три милијарди евра би можеле да бидат достапни оваа година за купување воена опрема која ќе биде испратена до Киев. Првата милијарда евра ќе биде достапна во јули, ако „бргу ги донесеме потребните одлуки“.

Што се однесува до одбраната, Мишел увери дека е постигната „промена на парадигмата во европскиот проект“, која се базираше на соработка и просперитет, додека одбраната „е оставена на националните надлежности“. Денес, истакна тој, одлучивме да го зајакнеме европскиот столб.

Како земјите членки се подготвуваат за одбрана?

Со 400 војници и 50 воени возила, армијата на Романија учествува во воените операции на ЕУ, изјави генерал-потполковникот, Георгица Влад на состанок со државната секретарка во Министерството за одбрана на Романија, Симона Којокару и претседателот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Роберт Бригер. Бригер го истакна придонесот на Романија за европската колективна безбедност, како и напорите во рамките на различните иницијативи на стратешкиот компас.

Словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец изрази желба Словенија повеќе да не биде само купувач, туку и да стане продавач и производител на воена опрема. Во јуни 2023 година, Министерството за одбрана потпиша договори со водечки компании од одбранбената индустрија за производство на нови дронови и развој на борбени системи.

Во 2023 година, истото Министерство потпиша договори за воена опрема во вредност од 80,9 милиони евра со домашни фирми, речиси 60 милиони евра повеќе во споредба со 2022 година, вклучувајќи ги и компаниите кои увезуваат опрема. Министерството, исто така, значително го зголеми финансирањето за истражување и развој, кое изнесува 11,7 милиони евра во 2023 година и се очекува да достигне 23 милиони евра оваа година. Проценетите трошоци за одбрана на Словенија за 2023 година се 845 милиони евра, што претставува 1,34 проценти од БДП, и се очекува да достигнат два проценти од БДП до 2030 година.

Бугарскиот министер за одбрана во заминување Тодор Тагарев на 29 март истакна дека буџетот за одбрана за 2024 година се зголемил за 60 отсто во споредба со 2022 година.

На крај на оваа година, може да има 20.982 војници и 4.500 вработени во Вооружените сили на Република Словачка, по предлог на Министерството за одбрана. Ова е зголемување за 279 војници во однос на актуелниот број, соопшти Министерството за одбрана на Република Словачка.

Во Португалија, недостигот на нови регрути и војници кои ги напуштаат трите гранки на Вооружените сили е доминантен проблем. Во исто време, трошоците за одбрана се значително пониски во споредба со она што му треба на НАТО.

Според извештајот на генералниот секретар на НАТО од минатата година, објавен на 14 март, трошоците за одбрана на Португалија, процентуално од БДП, достигнале 1,48 отсто, два отсто помало од тоа што се бара од сите членки. Претходната година, поранешната министерка за одбрана Хелена Кареирас призна дека земјата ќе може да ја достигне таа цел дури во 2030 година. Португалија не е клучен играч во производството во одбранбената индустрија, избирајќи само да учествува во напорот за прибирање муниција како купувач, заедно со другите земји-членки на ЕУ.

Минатиот петок, португалскиот адмирал Хенрике Гувеја е Мело, се изјасни во корист на задолжителната воена служба, која официјално беше укината во 2004 година. Неговите ставови ги поддржа началникот на Генералштабот на Армијата, Едуардо Ферао. Сепак, неколку воени здруженија се спротивставија на идејата, претпочитајќи да се фокусираат на вреднување на професионалните војници со повисоки плати и попривлечни услови

Северна Македонија ќе го зголемува производството

Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, рече дека домашната воена индустрија ги зголемува производствените капацитети за да се конкурентна на пазарот на НАТО. Северна Македонија се приклучи на иницијативата на НАТО за поддршка на производството на муниција и одбранбената индустрија, што ќе и овозможи на земјата многу побрзо да го добие потребното вооружување за многу поповолни цени.

Министерството за одбрана потпиша договор за соработка со единствената компанија за производство на муниција од мал калибар во Северна Македонија, „АТС АММО“ од Самоков, за развој и производство на беспилотни летала. Дополнително, Министерството за одбрана набави осум повеќенаменски транспортни хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ за 249,9 милиони евра. Првиот хеликоптер треба да биде испорачан во втората половина на 2026 година.

Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.