AFP, AMNA, ANP, ANSA, Belga, BTA, CTK, dpa, EFE, Europa Press, HINA, Lusa, STA, Tanjug, TASR
Итниот самит на европските лидери во понеделникот, чии што разговори се фокусираа на плановите на Соединетите Држави да стават крај на војната во Украина, не доведе до брзи резултати бидејќи лидерите се поделени околу прашањето за испраќање мировни сили за да мониторираат можен прекин на огнот во Украина.
Лидерите на седум членки на ЕУ (Франција, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Холандија и Данска) и на Обединетото Кралство, како и претседателите на Европскиот совет, Европската комисија и Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одржаа состанок во Париз во понеделникот напладне.
Состанокот беше одржан на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон со цел да најде заедничи одговор во врска со безбедноста на континентот во време кога Соединетите Држави се обидуваат да дојдат до договор со Русија за Украина и европската безбедносна архитектура без европејците.
Во средата, откако се пожалија лидерите кои не присуствуваа во понеделникот, Макрон организира нова средба со цел да одржи разговори со сите 27 членки на ЕУ до крајот на неделата, изјави во интервју со неколку регионални печатени медиуми, меѓу кои и „Ле паризиен“, „Ла провенс“ и „Судвест“.
По говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд, во кој ја нападна ЕУ, европските лидери се сè уште непријатно изненадени од потезите на администрацијата на Доналд Трамп во врска со Украина, Русија и европската одбрана.
Трамп ги остави на страна Киев и неговите европски поддржувачи кога имаше телефонски повик со неговиот руски колега, Владимир Путин за да зборуваат за започнување на преговори за прекин на тригодишната војна по руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022.
Со цел да го забрза процесот на преговори со Москва, американста администрација подготви план со кој Украина ќе остане надвор од НАТО, ќе и се додели територија на Русија и ќе се затвори вратата на американско присуство во идни мировни операции.
Во евроските ходници на моќ, условите се гледаат како начин за Вашингтон да им го сврти грбот на сојузниците на сметка на тоа да направи договор со Путин.
Загриженоста на тоа Европа да биде турната на страна се зголеми откако високи дипломати од Русија и САД се сретнаа во Саудиска Арабија. Според фотографија објавена од руското министерство за надворешни работи, американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров разговорале во Ријад за завршување на војната во Украина – но, беше очигледно дека претставник на Киев нема на масата.
Кремљ изјави дека разговорите во вторникот имаат за цел да постават основа за формални преговори за мир во Украина и за идна средба меѓу Трамп и Путин. До сега, нема датум за евентуална средба на претседателите.
Да се испратат сили или не
Главната цел на понеделничката средба на европските лидери беше да се согласат за заедничка стратегија за како да се справат со Трамп, кој сака да го принуди украинскиот претседател Володомир Зеленски да седне на масата за преговори со Путин додека на Европјците им дава задача да обезбедат мировен договор.
Шефот на НАТО Руте го резимира состанокот изјавувајќи дека Европа е „подготвена и има волја“ за да направи чекор напред за да обезбеди безбедносни гаранции за Украина и да инвестира многу повеќе во одбраната.
На Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен најави дека Комисијата ќе предложи изземање на одбраната од ограничувањата на ЕУ за владините трошоци.
Некои членки веќе преземаат индивидуални чекори за зајакнување на трошоците за одбрана. Бугарскиот министер за одбрана Атанас Запријанов изјави дека во Бугарија ќе биде усвоена процедура за исклучување на трошоците за одбраната и воената индустрија од индексот на инфлација. Потенцира дека овој предлог е од Бугарија, која ја промовира оваа мерка на средбите на министрите за одбрана на ЕУ повеќе од една година.
Иако европските лидери во Париз побараа да се зголемат трошоците за одбрана, тие се сепак поделени околу испраќањето на миротворници во Украина за поддршка на имплементацијата на можен договор за мир.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли дебатата околу мировните сили нарекувајќи ја „комплетно предвремена“. Рече дека е „иритиран“ од дискусии околу можни исходи од мировни разговори, кои не се ни одржале, без да бидат вклучени и Украинците. „Најискрено, тоа е крајно несоодветно,“ изјави германскиот лидер.
И според шпанскиот премиер Педро Санчез, дискусијата е „предвремена“, потенцирајќи дека војната сè уште трае и дека услови за мир сè уште не се исполнети.
Сличен пристап имаше и полскиот премиер Доналд Туск. „Не планираме да испратиме полски сили во Украина, но ќе обезбедиме логистика и политичка поддршка на земјите кои би сакале да обезбедат такви гаранции во иднина,“ изјави пред да замине за Париз.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја опиша хипотезата за испраќање на европски трупи во Укрина како „најсложеното и најмалку ефективното“ особено без соодветни „безбедносни гаранции“ за Киев. Според неа, какви било преговори може да пропаднат без соодветни безбедносни гаранции. Повика да се разгледаат и други опции и да се вклучат САД.
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека нејзината влада е „отворена“ во врска со испраќањето војници, но предупреди дека клучното прашање е дали САД би ја поддржале Европа доколку се испратат војници.
Холандскиот премиер Дик Шоф рече дека „не е паметно“ да не се дискутира за учество на сили во Украина откако би се постигнал мировен договор. Важно е „да се испрати сигнал сега дека ние сме подготвени за разговор,“ изјави по средбата во понеделникот навечер. Претходно, Герт Вилдерс од Партијата за слобода (ПВВ), најголемата владејачка партија, не даде поддршка за испраќање воени сили во Украина.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој е свесен за важноста на Лондон да покаже посветеност кон европската безбедност по Брегзит, изјави во неделата дека има волја да „испрати војници на терен доколку е потребно“ како одговор на, како што изјави, „момент кој се јавува еднаш во генерација за колективната безбедност на нашиот континент.“
Франција и Шведска исто така рекоа дека имаат волја да испратат војници.
Белгија, која немаше претставник на средбата во понеделникот, не ја искучи можноста да учествува со свои сили во можна мисија во Украина. Спомнувајќи го испраќањето на белгиски војници на Косово, министерот за одбрана Тео Франкен изјави за весникот „Тијд“: „Денот кога Русија ќе потпише мировен договор и на тој начин ќе признае дека ќе има меѓународни сили кои треба да обезбедуваат, не сметам дека ќе биде проблематично за Белгија да учествува во тоа.“
Удар на европското едниство
Бидејќи само неколку лидери од ЕУ и Европа добија покана да учествуваат на собирот на претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата во Париз, тоа генерално се сфати како навреда на европското единство од оние кои не беа поканети.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто многу директно даде негова оценка за понеделничката средба во Париз. Според него, тие се земјите кои се за војна и кои спроведуваат непромислена стратегија во изминатите три години, а нивните политики доведоа до ризик од ескалација на војната во Украина.
Во понеделникот, словачкиот премиер Роберт Фицо имаше телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Лидерот на Словачка рече високите претставници на ЕУ на средбата во Париз немаа мандат да бидат на настан кој „не помага да се подобри довербата во ЕУ.“
Според Фицо, ЕУ нема надлежност да одлучува за учеството на странски трупи на територија на друга држава и таков потег може да се случи само врз основа на одлука на надлежните тела на ОН или на основа на билатерални договори помеѓу Украина и земјите кои сакаат да испратат војници на нејзината територија.
За Словенија, понеделничката средба на неколкуте европски лидери е средба на влијателни европски членки на НАТО, по која што треба да се одржи самит на ЕУ за да се најде заедничко решение за тоа како да се дојде до брз прекин на огнот и траен и правичен мир.
Според државниот секретар Војко Волк, кој е задолжен за меѓунардони работи во кабинетот на премиерот Роберт Голоб, премиерот изјавил дека без разлика на одлуките кои ќе бидат донесени таму, ЕУ мора да испрати порака на единство.
Чешкиот премиер Петр Фиала рече дека средбата во Париз нема да даде дополнителна тежина на интегритетот на Европа. Потенцира дека идни неформални средби „нема да водат никаде и Европа нема да ја сфатат сериозно ако се одржи уште една вечера.“
Португалскиот премиер Луиш Монтенегро прилично го минимизираше фактот дека не бил поканет во Париз, нагласувајќи дека неговата влада е во постојан контакт со европските и трансатлантските партнери. Тој ја нагласи важноста на соработката меѓу 27-те лидери: „Колку ЕУ е пообединета и координирана, толку порешителна ќе биде нејзината акција“.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.