Претседателката на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Маја Север упати апел за итна акција за заштита на медиумите низ цела Европа од постојани закани од политичко мешање, правно вознемирување преку СЛАПП тужби и директни напади врз новинарите.
Според Север, и покрај стапувањето во сила на Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА) и усвојувањето на Директивата на ЕУ против Стратешките тужби за спречување учество на јавноста (СЛАПП), нивната нецелосна имплементација и законските „дупки“ и натаму ги прават новинарите ранливи, особено фриленсерите и оние што работат во ризично опкружување.
– Го поздравуваме стапувањето во сила на Европскиот закон за слобода на медиумите, но искуството на нашите подружници низ цела Европа покажува дека неговата имплементација во реалниот живот се соочува со сериозни пречки. Нашето следење открива постојани празнини: регулатори без вистинска независност и ресурси, како и континуирано политичко влијание врз медиумите од јавниот сервис, изјави Север за Европската новинска редакција (ЕНР).
Север додаде дека за овие проблеми Федерацијата го информирала и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото, Мајкл Мекграт на нивната неодамнешна средба.

Според Север, главните предизвици на национално ниво се недостигот на политичка волја за спроведување на ЕМФА, слаб регулаторен капацитет, нејасен механизам за санкции, како и закани и надзор.
– Европската комисија мора да дефинира јасни последици за земјите членки кои не успеваат целосно и вистински да го спроведат ЕМФА, вклучувајќи финансиски и процедурални санкции. Треба и да воспостави оперативен план со временски рокови, мерливи индикатори и скала за ескалација на мерките, истакна Север.
Во однос на СЛАПП тужбите, Север информира дека ЕФЈ заедно со Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ) побарале проширување на заштитата од вакви судски постапки, воведување построги санкции за оние кои ги злоупотребуваат, како и за обезбедување на правна и финансиска поддршка за новинарите.
– Иако го поздравуваме усвојувањето на Директивата на ЕУ против СЛАПП тужбите, веруваме дека постојните механизми се уште се недоволни. Во моментов, заштитата се однесува главно на прекугранични случаи, додека повеќето тенденциозни тужби се чисто домашни и остануваат надвор од опсегот на Директивата, вели Север.
Таа додава дека е важно да се обучат судиите и адвокатите да ги препознаваат СЛАПП тужбите и да го заштитат новинарството, бидејќи без посилна законска рамка и практични механизми за поддршка, новинарите остануваат незаштитени.
– Затоа ги повикуваме ЕУ и земјите членки да и дадат приоритет на политиката против СЛАПП тужбите и еднаш засекогаш да го запрат правното вознемирување насочено кон замолчување на истражувачкото новинарство, истакна претседателката на ЕФЈ.
Според Север, потребна е поголема поддршка за новинарите во денешните нестабилни средини и иако некои медиумски куќи и синдикати се добро опремени да обезбедат поддршка, остануваат значителни празнини, на пример при известувањето од странство или за новинарите кои работат во конфликтни зони.
– Ние, како ЕФЈ и ЕТУЦ нагласуваме дека квалитетното новинарство не може да преживее без пристојни услови за работа, континуирана обука и системска поддршка на безбедноста. Затоа повикуваме на долгорочни механизми за финансирање на безбедноста и отпорноста на медиумите, национални програми за безбедност што ги вклучуваат засегнатите медиуми, како и механизми за дигитална безбедност и психолошка помош, додава Север.
Европскиот закон за слобода на медиумите, кој стапи во сила во август 2025 година, беше претставен како клучна регулатива за заштита на медиумскиот плурализам, уредничката независност и транспарентноста во ЕУ.
Сепак, повеќе организации, меѓу кои и „Репортери без граници“, реагираат дека неговата имплементација не се одвива според очекувањата. Тие забелешки особено се однесуваат на тоа што некои земји членки го одложија или се спротивставија на имплементирање на одредби од ЕМФА во нивните национални законодавства, особено оние поврзани со независноста на јавните радиодифузни сервиси и заштитата на новинарските извори.
Дополнително, Унгарија покрена правна постапка пред Европскиот суд на правдата оспорувајќи ја усогласеноста на ЕМФА со Договорите на ЕУ, а некои држави членки извршија измени на своите национални законодавство со кои се овозможи зајакнување на политичката контрола врз медиумите.