Скопје – Предизборната кампања за Претседателските избори денеска продолжува со презентација на програмите на кандидатите на митинзи, дебати и средби со граѓани. На првиот ден од кампањата кандидатите изнесоа заложби за европска иднина на државата, со ветувања за функционални институциите со делегирање на професионални кадри, сите со реторика дека ќе бидат претседател на сите граѓани, како и критики до опонентите.
Актуелниот претседател и кандидат на Коалицијата на СДСМ за нов мандат Стево Пендаровски синоќа на митинг во Прилеп порача дека неговата опција е европски просперитет, а не враќање во балканската кал. – Ако Македонија во догледно време не стане членка на ЕУ сами не ќе можеме да го спречиме во поголем процент иселувањето. Затоа е императивно на достоинствен начин да влеземе во ЕУ. Не треба да ни се одземе кои сме и што сме, јазикот и идентитетот ни се гарантирани…Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете 1, Македонија не смее да се враќа назад, туку да оди само напред, истакна Пендаровски.
Според него, ова нема да бидат историски избори бидејќи „нема дилема зашто се е јасно со бела и црна понуда“, но, како што рече, „постои опасност од главната опозициска партија која нуди враќање назад“.
Кандидатката за претседател поддржана од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на митингот пред Владата порача да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок.
– Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските Европејци, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ, рече Силјановска Давкова.
Според претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи, претстојните претседателски избори не се обични избори, туку, како што вели, се народен референдум што ќе ја определи иднината на државата. – Нашата држава се наоѓа на крстопат. Еден пат води кон светла европска иднина, другиот пат води кон изолација бесперспективност и нејасност. Затоа овие избори не се обични избори, туку се народен референдум којшто ќе ја определи иднината на оваа држава, рече Османи на прес-конференција пред претседателската вила Водно.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.