Брисел – Во Северна Македонија постои силна институционална поддршка за забрзување на имплементацијата на новите законски рамки усогласени со ЕУ, за значително подобрување на заштитата на животната средина, се наведува во денеска објавениот Извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за состојбата со емисиите на штетни гасови и загадувањето во Европа во изминативе пет години, во делот посветен на земјава.
– Владата постигна значителен напредок во усогласувањето на својата законска и регулаторна рамка со европското законодавство и е посветена на продолжување на напорите за зачленување во ЕУ, се вели во документот.
Во извештајот се посочува дека за земјата се значајни искуствата на ЕУ, дека таа обезбедува национални стимулации за поддршка на растот на органското производство, продажбата и профитот и нејзините институционалните рамки и понатамошната поддршка се очекува да го заштитат и обезбедат растот.
– За жал, далеку сме од постигнување на целта за значително намалување на вкупното производство на отпад на национално ниво. Сепак, се развива нова стратегија и план за управување со отпадот. Затоа, постојното законодавство за отпад е императив кога станува збор за подобрување на управувањето со отпадот, се вели во документот.
Извештајот наведува дека врз основа на анализа на податоците во периодот 2018-2020 година, се проценува дека поради изложеност на лош квалитет на воздухот во земјава годишно се губат околу 3.800 животи, што претставува 17,7 отсто од вкупната смртност на населението.
– Светската банка процени дека економските загуби и трошоците од овие ефекти изнесуваат помеѓу 5,2 и 8,5 отсто од бруто националниот производ во 2016 година, се потенцира во извештајот.
Во извештајот се додава дека загриженост предизвикува и енергетската сиромаштија, која влијае на 23,85 отсто од домаќинствата што е значително над просекот во ЕУ од 7,5 проценти, а доколку не се применуваат целни политики, зелената транзиција може да резултира со продлабочување на оваа разлика.
– Земјата ги усогласува своите економски политики со стандардите на ЕУ, воведувајќи стимулации за проекти за енергија од обновливи извори и подобрувања на енергетската ефикасност. Пресвртница беше издавањето на првата Зелена обврзница во октомври 2023 година, вредна 10 милиони евра, за зелени иницијативи, се наведува во извештајот. (30 септември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
