САД ќе ja поддржуваaт Северна Македонија во напорите за реформи со цел процесот на евроинтеграција да се движи брзо, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД, задолжен за Европа и Евроазија.
Ескобар укажа дека Северна Македонија е голем билатерален партнер и извонреден сојузник во НАТО.
-Нашата позиција од искуството со Северна Македонија е дека таа е одличен партнер, лојален пријател и силен поддржувач на трансатлантската заедница. Северна Македонија заслужено го започна движењето во нивниот процес кон Европа. Тие направија тешки реформи и продолжуваат да прават тешки реформи, изјави тој.
Укажа дека за САД, прашањето за јазикот и културниот идентитет на Северна Македонија не е прашање, и ја повика земјата да продолжи со конструктивниот дијалог со соседите и да се движи што побргу во процесот за пристапување.
Штериева за МИА: Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки
Скопје – Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, вели во интервју за МИА претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева.
– Фиксните каматни стапки по дефиниција не се менуваат за периодот додека се фиксни и во тој случај нема потреба од вознемиреност. Но, многу е важно да се посвети внимание и да се видат одредбите во договорите, нагласува Стевкова-Штериева.
Банкарскиот систем, потенцира Стевкова-Штериева, е стабилен и добро капитализиран, а капиталот и резервите се покажаа како доволни за банките да се справат со досегашните предизвици. Повеќето од банките работат профитабилно со солиден раст на профитот остварен во првото полигодие од годинава.
Безобѕирното возење во предложениот Кривичен законик се смета за кривично дело
Скопје – Ако возите под дејство на алкохол од најмалку 1,50 г/промили во крвта, или возите под дејство на дроги, психотропни супстанци,, или возите во забранет правец, претекнувате колона возила на непрегледно место или возите со брзина која надминува 70 километри на час над дозволената, согласно новиот член 403 во предлог текстот на Кривичниот законик, ќе претставува безобѕирно управување со моторно возило и ќе се смета за кривично дело.
Од Јавното Обвинителство за МИА појаснуваат дека дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело и оти станува збор за кривична одговорност во наведените случаи дури и доколку нема директна штетна последица – предизвикана сообраќајна незгода.
Ова решение е предложено по примерот на Крвичниот законик во Хрватска, што е во сила од 2011. Експертите сметаат дека сите овие новини ќе ја зголемат безбедноста во сообраќајот.
Oваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.