Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) потпиша договор со ПроКредит Банка за гаранција од максимум 25 милиони евра, за покривање на 50 отсто од ризикот за нови кредити за финансирање на мали и средни претпријатија во Северна Македонија во вкупен износ до 50 милиони евра.

Гаранцијата е поддржана со техничка помош на Европски фонд за одржлив развој плус и на овој начин ЕБРД и ЕУ преку споделување на дел од ризикот о помагаат на ПроКредит да ја зајакне отпорноста и да го зголеми кредитирањето.

Кредитирањето е наменето за деловниот сектор кој нема доволно пристап до финансирање, пред сè бизнисите управувани од жени и млади претприемачи, руралните мали и средни претпријатија, како и проекти за зајакнување на инклузивниот економски развој.

Според претставникот на ЕБРД за Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, ова партнерство поддржано од Европската Унија, означува важен чекор кон проширување на пристапот за финансирање на помалку поддржаните бизниси во земјата.

– Преку споделување на ризикот и воведување на иновативни финансиски алатки со техничка помош која е наменски одобрена, им помагаме на малите и средни претпријатија да инвестираат со сигурност во сопствениот раст и отпорност. Ова претставува инклузивно и одржливо финансирање на ЕБРД, којашто е посветена кон унапредување на целиот Западен Балкан, рече Туркменоглу.

ЕБРД е водечки институционален инвеститор во Северна Македонија, со инвестирани повеќе од 3 милијарди евра, во поддршка на одржливиот развој, инфраструктурата, растот на приватниот сектор и регионална интеграција на земјата. (30 декември 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.