Брисел – Сите 27 земји на Европската унија договорија 50 милијарди евра помош за Украина на специјалниот Самитот на Унијата што денеска се одржува во Брисел, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Икс.
– Имаме договор. Сите 27 лидери се согласија за дополнителен пакет за поддршка од 50 милијарди евра за Украина во рамките на буџетот на ЕУ. Ова значи стабилно, долгорочно, предвидливо финансирање за Украина. ЕУ презема лидерство и одговорност за поддршка на Украина; знаеме што е во прашање“, напиша Мишел на Икс.
Со ваквиот договор се стави крај на неизвесноста околу поддршката од ЕУ за Украина, поради најавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека може повторно да стави вето за пакетот помош, како што се случи на претходниот Самит на Унијата во декември. (1 февруари)
Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ може да ги замајува граѓаните за повторно преговарање на рамката, но не и странските претставници
Скопје – Претседателот Стево Пендаровски во однос на уставните измени оценува дека нереален бил оптимизмот кај власта дека тие се можни и покрај цврстиот став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да ги гласа. Тоа прашање, како што вели во интервју за „Слободен печат“, ќе остане на агендата за по изборите на следната влада и следниот парламент.
– Но, во ситуација кога шпекулираме дека сегашната опозиција би била власт после 8 мај, не знам како ќе го направат тоа бидејќи сите изјави што ги даваа се неверојатно радикални – дека овој предлог не би го гласале, па ќе пробаат да препреговараат и слично. Може да го замајувате македонскиот граѓанин кој има други грижи, но не може да ги замајувате странските претставници кои прецизно кажаа. Да кажеш „ние имаме план што ќе ви го кажеме после избори“ е несериозно, вели Пендаровски. (30 јануари)
Грчки дипломатски извори: Северна Македонија имаше доволно време за замена на пасошите, нема барање за продолжување на рокот
Атина – Исклучително тешко е за Грција да прифати дека во период од пет години не беше можна замена на пасошите, брифираат грчки дипломатски извори во однос на издавањето нови патни исправи кај нас и додаваат дека Скопје не ја контактирало Атина за евентуално продолжување на рокот.
Владините извори од Грција објаснуваат дека 12 февруари како краен датум за приспособување на документите, особено на патните исправи и регистарските таблици на автомобилите е временски рок одреден пред пет години, а официјална Атина очекува целосна имплементација.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина дали постоела комуникација и барање од Северна Македонија до Грција за евентуално продолжување на рокот, грчките дипломатски извори одговараат негативно. (1 февруари)
Битиќи: Со Планот за раст имаме 874 милиони евра од ЕУ
Скопје – Планот за раст кој што го обзнани Европската комисија е показател дека Западен Балкан е важен за ЕУ и сака од два аспекти да бидеме спремни до денот на влегување, прво од економски аспект, второ од аспект на реформи, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во емисијата „Аргумент +“ на телевизија 24.
– Вкупно на располаѓање за нашата земја ќе биде ставено 874 милиони евра во овој три годишен период. Веќе првата транша од помошта би требало некаде април да ни биде достапна, нагласи Битиќи, додавајќи дека овие средства се од финансиската рамка на ЕУ за периодот 2020-2027.
Битиќи рече дека ЕК со планот за развој сака да го намали диспаритет меѓу развојот на Западен Балкан до денот на влегувањето во ЕУ. (31 јануари)
ЕК препорачува вакцинација против вируси кои можат да предизвикаат рак
Брисел – Европска комисија денеска им препорача на земјите-членки да ја засилат вакцинацијата со две клучни вакцини, за да се спречи вирусни инфекции да предизвикаат рак. Тоа е вакцина против хуманиот папиломавирус (ХПВ) и вирусот на хепатитис Б (ХБВ).
Препораката е дел од европскиот план за борба против ракот, клучен столб на Европската здравствена унија. Се проценува дека околу 40 отсто од случаите на рак во ЕУ може да се спречат.
Според денеска објавениот извештај само околу пет отсто од вкупните здравствени трошоци во 2021 година биле наменети за превенција во земјите-членки на ЕУ. (31 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.