Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Мора да се реагира мудро и навремено – порача претседателот на МАНУ Живко Попов во експозето на Редовното годишно собрание на Академијата, осврнувајќи се на надворешната политика на земјава и нејзиното позиционирање во новата политичка констелација во светот. 

Тој посочи дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државава е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е „многу позитивно и не треба да се пренебрегне“ тоа што има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.

– Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред се Европејци, рече претседателот на МАНУ. 

Попов нагалси дека Европската Унија е свесна оти европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западниот Балкан и затоа проширувањето на ЕУ повторно станува приоритет кој не смееме да го пропуштиме. – ЕУ нам ни е потребна како високоразвиена економска и политичка заедница која може да ни помогне да ги достигнеме нејзините стандарди и вредности, изјави Попов, додавајќи дека европскиот пат на Западен Балкан „повторно е на испит и на раскрсница и покрај јасната волја и желба на скоро сите околни соседни држави“. 

– Сега ветена година е 2030, и затоа потребни се реформи и покрај евроскептицизмот кој е во пораст поради неконзистентното однесување на ЕУ и честата дисонантност на Брисел и поедини европски престолнини, при што наспроти повеќедецениските подготовки и болни реформи на земјите од Западен Балкан, се нуди брз прием на Украина, Молдавија, Грузија и др. Работите на глобално ниво се менуваат од ден во ден, од час во час. Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено да чува и одредена неутралност, од неа секако дека не зависат работите. Сметам дека премногу направивме, премногу жртвувавме и повеќе од тоа евроатлантскиот процес губи секаква смисла, истакна Попов во експозето.  (26 март 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.