Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје, 18 август 2023 (МИА) – Во Собранието заврши расправата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата, а гласањето е одложено до обезбедување на потребното двотретинско мнозинство. Власта со порака дека гласот за уставните измени е глас за европска иднина на државата. Опозицијата пак, го повтори ставот дека уставни измени под диктат нема да има, но предвремени парламентарни избори мора да има. 

Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на седницата порача дека Предлогот за дополнување на Уставот има само единствена релација и мотив – влез во Европската Унија, тоа што го бараат граѓаните, а уставните измени кои се пред нас не загрозуваат ни едно македонско идентитетско прашање.

– Ние заради нас самите мора да бидеме европска држава, порача премиерот Ковачевски.

Пендаровски: Во овој момент нема две третини, но тоа не значи и дека нема да има, опозицијата да каже каква алтернатива нуди

Скопје, 18 август 2023 (МИА) – Со денешното гласање „против“ уште при утврдувањето на дневниот ред, опозицијата потврди дека во земјава пропаднал концептот на ЕУ, оцени вечерва претседателот Стево Пендаровски.

Според него, опозицијата треба да каже каква алтернатива нуди и што предлага ако е против уставните измени. За Пендаровски е нејасно и „како опозицијата се обидува да се мајтапи со толку моќна земја на ЕУ како Франција и вели дека она што е на маса не е француски предлог и европска рамка, туку бугарски диктат“.

На Пендаровски воопшто не му се чини и, како што рече, дека е изгубен легитимитетот на Владата по денешната собраниска сесија. Јасно е дека владејачкото мнозинство во овој момент нема две третини, но тоа не значи и дека нема да ги има, нагласи претседателот.

Ковачевски: Дента кога ќе ги изгласаме уставните измени ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори

Скопје, 20 август 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски вечерва рече дека дента кога ќе се изгласаат уставните измени, ќе поднесе оставка и ќе има избори.

– Ако го погледнете моето експозе, за потребата од усвојување уставни измени, јас таму бев апсолутно искрен, што добиваме со ЕУ. Јас јавно кажав дека дента кога ќе ги изгласаме уставните измени, јас ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори, кажа Ковачевски. 

Втората опција е, додаде тој, доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да станат дел од Владата, ќе ги добијат половина од нашите места.

– Услови имаат ДУИ да не учествува, тие поднесоа оставки, и другите албански партии кажаа еве и ние нема да учестуваме… Ќе бидат дел од Владата, ќе го завршиме целиот процес, ќе го завршиме скринингот, ќе отвориме едно или две поглавја и ќе затвориме едно од поглавјата. И ќе одиме на избори, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Џафери неделовнички го одложил гласањето за уставни измени

Скопје, 21 август 2023 (МИА) – ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека претседателот на Собранието, Талат Џафери спротивно на Деловникот за работата на Собранието ја одложи точката за гласање за потребата од отворање на Уставот.

– Според Деловникот гласањето мораше да се случи во петокот, кога беше завршен претресот и имаше обезбедно кворум за гласање, рече на прес-конференција во Собранието пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Џафери, според него, го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измени на закон, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот.

– Наместо тоа Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да се одложи гласање за измена на устав, рече Лефков.