Скопје/Брисел – По изминатиот турбулентен период на политички план, протести, препукувања во Собранието, прифаќање на францускиот предлог и одржување на првата меѓувладина конференција еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со порака до опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето на насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, а моја проценка е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата, рече Вархеји.
Реагираше лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервју за ДВ рече дека ЕУ го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави.
-Сметам дека единствените црвени линии кои беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, рече тој. (27 јули)
Османи: Унилатералната изјава за јазикот е политичка, а не историска
Скопје – Шефот на дипломатијата, Бујар Османи денеска во Скопје беше домаќин на неговиот португалски колега Жоао Гомес Кравињо.
На заедничката прес-конференција Османи одговарајќи на новинарско прашање рече дека унилатералната изјава на МНР во однос на македонскиот јазик е политичка, а не историска, во која што историчарите треба да кажат историска вистина.
Според него, таа политичка изјава ги има трите најважни елементи – континуитетот, односно временскиот и просторниот континиум, неможноста да се разговара или потпишува договори со ЕУ на поинаков начин и дека јазикот е официјален на цела територија и во надворешните односи. – За нас беше важно овие три елементи да бидат инкорпорирани – Уставот, Резолуцијата предложена од опозицијата во 2021 и заклучоците од последната одлука на Собранието, истакна Османи. (26 јули)
Пожарот на Криволак целосно изгаснат, има уште неколку жаришта во Василево
Скопје – Пожарот, кој вчера го зафати армискиот полигон Криволак е целосно изгаснат. Во текот на ноќта врнел силен дожд кој целосно го изгаснал, додека пожарот меѓу селата Владиевци и Требичино во општина Василево во текот на ноќта го намали својот интензитет, изјави за МИА директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека од рано изутрината има уште седум – осум жаришта, каде се гледа чад, но нема активно горење, a на терен се присутни 27 лица, кои се обидуваат да ги изгаснат овие осум точки.
Северна Македонија лани овој период беше погодена од катастрофални пожари, а надлежните годинава уверуваат дека се поподготвени за справување со нив. Сепак оценуваат дека кога би се повториле пожарите од лани би ни била потребна помош однадвор. Штетите од ланските пожари се проценети на 38,5 милиони евра. (28 јули)
Обвинети три физички и едно правно лице за пожарот во Модуларната болница во Тетово
Тетово – За 14-те лица кои ги загубија животите во пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември 2021, Јавното Обвинителство во Тетово до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице. Двајца директори се теретат за кривично дело тешки дела против општата сигурност, а одговорниот лекар за непостапување според здравствени прописи, додека правното лице за предизвикување на општа опасност.
Во време пожарот директор беше Флорим Бесими, а економски директор Артан Етеми. И двајцата тогаш си поднесоа оставки. Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот настанал како последица на запален продолжен кабел.
Меѓу 14-те жртви имаше пациенти, кои се лекуваа од Ковид-19, но и нивни роднини, кои се грижеле за нив.(27 јули)
Oваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.