Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

AFP, Agerpres, ANSA, dpa, PAP

Минатата недела, Европската Унија здивна со олеснување по исходот на клучните претседателски избори во две држави од нејзиното источно крило — Полска и Романија — во кои жестоко се судрија проевропски кандидати со евроскептични.

Изборите во обете земји членки на ЕУ се одржаа во тензична атмосфера за Европа, со оглед на продолжената руска инвазија на Украина, затегнатите односи со владата на САД и изборните победи на крајнодесничарските популисти.

„Ако ги погледнете соседните земји — Германија, Франција, Британија — крајната десница напредува насекаде, профитирајќи од општествените проблеми,“ за А-еф-пе изјави 24-годишниот полски студент Кацпер Карвацки по гласањето во Полска.

Европските главни градови загрижено го следат подемот на крајната десница во последниве неколку години. Во Париз, на пример, францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе ги спречи „екстремистите“ да дојдат на власт, а главниот ривал му е Националниот собир на Марин Ле Пен, во мигов најголемата партија во францускиот парламент.

Во март, Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера на европски пари преку лажни вработувања на парламентарни асистенти и доби забрана да се кандидира за претседателските избори во Франција во 2027. Ле Пен одрече дека била вмешана во каков било криминал и ја обжали пресудата.

Во Германија, најголемата економија во ЕУ, во февруари победија конзервативните христијански демократи ЦДУ на чело со канцеларот Фридрих Мерц. Додека ЦДУ формира влада со баварската сестринска партија ЦСУ и социјалните демократи СПД на поранешниот канцелар Олаф Шолц, крајнодесничарската Алтернатива за Германија го однесе второто место на изборите и сега е втората по големина германска парламентарна група.

Исто така, гласачите се сѐ повеќе на мета на руските обиди за попречување на изборите или за фаворизирање евроскептични, проруски кандидати.

Сепак, неодамнешните избори за Варшава и Букурешт се чини дека им донесоа продолжена поддршка на проевропските партии, наспроти значителните успеси на националистичките партии низ континентот.

Романија: Победата на центристот го спречи националистичкиот подем

Новоизбраниот претседател на Романија Никушор Дан се соочува со тешка задача да ја обедини длабоко поделената земја по напнатите повторени избори, додека Брисел и другите европски сојузници ја поздравија победата на центристот.

Во вториот круг на претседателските избори, независниот кандидат Дан го порази десничарскиот националист Џорџе Симион, челникот на Алијансата за обединување на Романците. Дан освои 53.6%, а Симион 46.4% од гласовите.

Претседателските избори беа реприза на минатоноемвриските, кога прорускиот кандидат Калин Џорџеску победи во првиот круг, откако кампањата ја водеше претежно преку онлајн платформата Тикток.

Меѓутоа, кусо време пред закажаниот втор круг, Уставниот суд го поништи првиот круг поради неправилности и тврдења дека имало руска вмешаност и му забрани на Џорџеску да се кандидира повторно.

Изборите беа опишани како пресудни за иднината на Романија — дали ќе остане на прозападниот пат или ќе се сврти кон суверенизам, поттикнувајќи национализам во стилот на Трамп. Во Романија, претседателот ја претставува земјата на самитите на ЕУ и НАТО, а и назначува луѓе на важни функции, како премиерската.

Победата на Дан ја поздравија европските сојузници на Романија, а меѓу тие што му честитаа беа шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лејен, шефот на НАТО Марк Руте, францускиот претседател Макрон и украинскиот претседтел Володимир Зеленски.

Романците мака мачат со високата инфлација во нивната (и најзадолжена во ЕУ) земја, а фрустрациите на гласачите беа големи со оглед на тоа што една иста група политичари владееше со Романија уште од падот на комунизмот во 1989.

Романија исто така има огромни неискористени наоѓалишта на гас што можат да ја претворат земјата во најголемиот производител на гас во Европа, којашто, пак, се обидува да ја намали својата енергетска зависност од Русија. Се очекува гасот да почне да тече во 2027.

Во соседна Молдавија, проевропската претседателка Маја Санду апелираше до Молдавците со романско државјанство — кои, според статистичките податоци од 2021, сочинуваат четвртина од населението во државата — да гласаат за Дан, кој освои речиси 88% од гласовите на Романците во Молдавија.

Споени знамињата на Полска и Европската Унија на демонстрации. Фотографија: Матеуш Слодковски/АФП

Полска: Варшава спремна за високоризичен втор круг

Иако проевропскиот табор малку предничеше во првиот круг на претседателските избори и во Полска, крајната десница постигна солиден успех и доби значителна подршка за своите два кандидати — евроскептичниот мултимилионер и претприемач Славомир Менцен и ултранационалистичкиот европарламентарец Гжегож Браун.

Засега, предизборната кампања главно се врти околу надворешната политика, прикажувајќи ги нивните спротивни ставови околу односите на Полска со ЕУ и со САД.

Во неделата, проевропскиот градоначалник на Варшава Рафал Тшасковски — како претставник на центристичката Граѓанска коалиција на премиерот Доналд Туск — победи со 31.36% од гласовите.

Тшасковски е познат еврофил, кој има напишано дури и докторат на тема „Реформи во ЕУ“. Тој вети дека ќе го ублажи законот за абортусот и ќе ги заштити правата на ЛГБТИК-луѓето. Работеше и на полското зачленување во ЕУ, а потоа стана советник на делегацијата на

Граѓанската коалиција во Европскиот парламент и беше избран за потпретседател на Европската народна партија во 2017.

Карол Навроцки, 42-годишниот историчар и политички аутсајдер што на изборите излезе како независен кандидат поддржан од десничарската партија Право и правда, освои 29.54% од гласовите.

Предизборниот слоган на Навроцки е „Полска пред сѐ, Полјаците пред сѐ“, отсликувајќи ги неговите ставови околу речиси милионот украински бегалци што живеат во земјата членка на ЕУ и НАТО. Макар што Навроцки ветува дека ќе ја продолжи поддршката на Полска за соседна Украина против руската инвазија, остро ги критикува бенефициите дадени на бегалците.

Поранешната владејачка партија Право и правда имаше чести несогласици со западните сојузници на Полска и бриселските институциите на ЕУ загрижени во врска со владеењето на правото.

Крајнодесничарскиот кандидат Менцен (од партијата Конфедерација) се најде на третото место со 14.8% од гласовите. Браун, како претставник на порадикалното крило на партијата, доби околу 6% од гласовите.

Гласачите во Полска на претстојниот втор круг гласање за претседател на 1 јуни ќе избираат меѓу Тшасковски и Навроцки.

Сеопштата победа на Тшасковски би ја зајакнала центристичката влада предводена од поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск, која е во расчекор со актуелниот претседател, националистот Анджеј Дуда.

Победата на Навроцки веројатно би ја оставила централноевропската земја со 38 милиони жители во истиот политички ќорсокак.

Претседателот на Полска е врховен командант на вооружените сили, раководи со надворешната политика, а може да воведува и да става вето на закони.

Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.