Скопје – Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигура дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на идентитетот, соопштија од Канцеларијата за човекови права на ОН на барањето да го искоментираат условот на Бугарија да се впишат Бугарите во македонскиот Устав, додека против неа постојат 14 пресуди на Судот во Стразбур за прекршување на правата на македонското малцинство.
Оттаму го посочи извештајот што независен експерт на ОН го претставил до Советот за човекови права во јули 2011, согласно кој, Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на македонското малцинство.
Извештајот ја повикува бугарската Влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство.
МНР негира дека се подготвуваат нови обврски со Софија, опозицијата бара одговори за содржината на бугарските документи
Скопје – МНР ги отфрли наводите за подготовка нови обврски со Бугарија, надвор од потпишаниот Протокол меѓу двете држави, откако шефот на бугарската дипломатија Николај Милков рече дека задача на бугарското МНР во однос на билатералниот дијалог со Скопје ќе биде усвојување писмен документ што ќе ги дефинира задачите на институциите со конкретни обврски.
Од МНР информираат дека со внимание го следат процесот на формирање бугарска техничка влада и дека сите појавени информации за акциските планови и приоритетите на новата влада се внатрешна работа на Бугарија и не се резултат од меѓусебните разговори.
Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ја повика Владата да одговори што содржат новите документи од Бугарија и кои се новите барања и услови.
Владејачката СДСМ, пак, одговори дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини за нови договори и услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста.
Џон Малкович ќе гради филмски студија во Скопје каде ќе се снимаат холивудски филмови
Скопје – Американската филмска ѕвезда Џон Малкович најави дека во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови, откако ќе се изградат повеќе студија во околината на градот во рамки на проектот „Скопје технолошки парк“.
– Сакам да ги поздравам моите македонски пријатели и да ви кажам колку сум возбуден што ќе соработувам со колегите професионалци Д.В. Мафет и Мет Дилон на создавање филмско, музичко и медиумско студио од холивудски калибар. Прво студио од ваков тип на целиот Балкан, изјави Малкович.
Тој најави дека ќе го посети Скопје веднаш откако Владата ќе го одобри проектот „Скопје технолошки парк“. – Решивме да го наречеме проектот „Стоунбриџ студија“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ, истакна Малкович.
Порача дека како балканец по потекло му придава специјално значење на овој проект.
Во Северна Македонија прв сомнителен случај на мајмунски сипаници
Скопје – Во Северна Македонија се појави прв сомнителен случај на мајмунски сипаници. Пациентот е во добра здравствена состојба. Примерокот се испитува во Институтот за јавно здравје, од каде се очекува потврда дали се работи за овој вирус.
Комисијата за заразни болести препорача изолација за сите сомнителни и потврдени случаи.
Комисијата препорача изолација во домашни или болнички услови за сомнителните случаи до нивно тестирање, изолација на потврдените случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите и секојдневно епидемиолошко следење на контактите на потврдените случаи за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден.
Oваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.