Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Чествувањето на Денот на Републиката и на двата илиндена измина со пораки за обединување и посветеност на државните приоритети. Одбележувањето на Илинден годинава ќе биде запаметено што по 18 години, македонска делегација предводена од претседателот Пендаровски се поклони пред обновената спомен плоча на АСНОМ.

-Наша должност е да се грижиме републиката. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, а концептот на обединета Европа ни ја дава шансата да го заокружиме развојот на државата како современа европска република, рече Пендаровски.

Порача дека имаме цврста намера да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови.

Храна ќе има, не се очекуваат проблеми со увозот, можни нови поскапувања

Скопје – Последиците од глобалната криза со храна, според експертите, допрва ќе се чувствуваат. Руско-украинскиот конфликт го наруши глобалното снабдување кое веќе беше загрозено од климатските промени и пандемијата. Надлежните уверуваат дека храна ќе има.

-Актуелната состојба загрижува, но мислам дека кај нас нема да се случи недостиг од храна. Она што не погодува е цената на одредени земјоделско-прехранбени производи кои ние не ги произведуваме во доволни количини и кои се од увоз, а сведоци сме дека цените сериозно пораснаа. Увозно сме зависни за одредени производи, за основните прехранбени производи, пред се пченицата (брашното), маслото за јадење, месото (пилешко и говедско), млекото, вели за МИА професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Нагласува дека земјоделското производство бележи опаѓање и приносите се ниски. Тој не очекува нарушувања и проблеми во однос на увозот.

Треновски за МИА: Девизните резерви се на солидно ниво, во јули ново зголемување

Скопје – Девизниот курс е стабилен, а девизните резерви се гарант за тоа. Во последните неколку месеци (април – јули) сме сведоци на континуирано избледување на притисоците на девизниот пазар и продажбата на девизи и веќе во јули повторно се преминува во откуп на девизи, се забележува ново зголемување на девизните резерви, вели во изјава за МИА универзитетскиот професор и член на Советот на Народната банка, Борче Треновски.

Тој посочува дека монетарната стабилност и предвидливост е пресудна за креирањето на одржливи економски политики, здрава деловна клима и бизнис околина.

Го истакнува и влијанието на неоснованите шпекулации на девизниот пазар. – Да не одиме подалеку, да се вратиме пет-шест години наназад. Само за четири години, во периодот 2018-2021 година, девизните резерви се зголемиле за дури 1,307 милијарди евра, рече тој.

Ковачевски: Пратениците имаат обврска да носат одлуки за подобра иднина

Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски верува дека пратениците ќе ја препознаат европската идеја и ќе гласаат за измени на Уставот.

-При гласањето за заклучоците на европскиот предлог од Европскиот совет за почнувањето на преговорите на државата со ЕУ секој пратеник ја изрази слободно својата волја. Истото треба да биде и со уставните измени, бидејќи се работи за вклучување на дополнителни делови од други народи во преамбулата во нашиот Устав, рече премиерот.

Тој порача дека секој пратеник без разлика на неговата политичка, верска припадност има обврска кон граѓаните да носи одлуки кои значат подобра иднина за оваа генерација и идните генерации на државата. Додаде и дека опозиција треба да се надмине себе си и со неа да се зборува за начинот на кој побрзо ќе се одвиваат процесите кон ЕУ.

Oваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.