Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски побара национален консензус за уставните измени, кои се предуслов за одржувањето на втората меѓувладина конференција и отворање на првиот Кластер со ЕУ. Опозицијата, пак останува на ставот дека уставни измени под бугарски диктат не прифаќа. Ставовите се непроменети, а дали тоа ќе се потврди или не јавноста ќе дознае за помалку од две недели кога ќе почне седницата за утврдување на потребата за уставни измени закажана за 18 август.
Ковачевски во интервју за МИА изјави дека е потребен национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Говорејќи за уставните измени, кои се дел од Преговарачката рамка и услов за одржување на втората меѓувладина конференција, за ставот на опозицијата дека не прифаќа „уставни измени под бугарски диктат“, но и за политичките превирања во ДУИ и како сето тоа ќе влијае на овој процес, нагласува дека пратениците во моментов имаат многу поважна работа од, како што рече, терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче. (7 август)
Нема простор за загриженост за нови условувања од Бугарија, вели Ковачевски за МИА
Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема простор за загриженост од евентуални нови блокади од Бугарија. Тој во интервју за МИА во врска со можноста за нови бугарски блокади на патот кон ЕУ и доколку поминат уставните измени вели дека тој лично ги разбира стравувањата, особено по одредени чекори и провокации кои беа на штета на односите меѓу двете земји.
-Но, со европски политики и одговорност од двете страни, може да се стигне и до европски односи. Тезата која ја наметнува опозицијата е манипулативна и има двојна цел. Од една страна да ги доведува во заблуда граѓаните, да си поигрува со нивните емоции. Од друга страна да создава алиби за својата неодговорност затоа што немаат аргументи како да ги бранат своите обиди за блокади. Особено сега, кога целата содржина на предложените уставни измени е објавена и достапна, никој нема ниту една забелешка, ниту има нешто против. Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има, нагласува Ковачевски. (6 август)
Инфалцијата во јули 8,4 проценти
Скопје – Државниот завод за статистика измери дека инфлацијата во јули изнесувала 8,4 проценти, а цените на мало се зголемени за 4,9 проценти.
Според денеска објавени податоци, трошоците на живот во јули годинава се зголемени за еден процент во споредба со јуни, а цените на мало за 1,6 проценти.
Пораст на трошоците на животот е забележан кај свежото и разладеното овошје за 12,6 проценти, лебот и житата за 3,8 проценти, сирењето и урдата за 1,8 проценти, рибата и морските плодови, млекото за 0,9 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,5 проценти, …..(7 август)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.