Скопје, 30 август 2023 (МИА) – Во 2030 година Македонија ќе биде прва земја членка на Европската Унија од Западен Балкан, порача премиерот Димитар Ковачевски на трибината на тема „ЕУ за македонската економија“ со која во Скопје денеска започна кампањата „Ние сме Европа“.
Премиерот вечерва изјави дека претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на два пати повторил дека има конкретна одредница за проширувањето на ЕУ – 2030 година, како и дека оние кои се побрзи во своите реформи, први ќе влезат во 2030 година во Европската унија.
– Сакам на почетокот да расчистиме три дилеми: Прво дека после долго време претседателот на Европскиот совет во Блед и повторно на телевизија Словенија кажа дека има конкретна одредница за проширување на Европската унија а тоа е 2030 година и тоа е истата година за која што ние велиме дека Северна Македонија ќе биде подготвена, истакна тој на почетокот на трибината.
Маричиќ за МИА: Говорот на претседателот на Европскиот совет е сериозна пресвртница во политиката на ЕУ за проширувањето
Скопје, 29 август 2023 (МИА) – Говорот на претседателот на Европскиот совет го гледам како една сериозна пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето бидејќи за првпат после претходното проширување имаме временска одредница која што официјално лице на ЕУ ја претставува како можен термин за наредно проширување, вели во изјава за МИА вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Ваквиот сигнал од ЕУ, според Маричиќ, треба да се искористи и би било жално доколку ја пропуштиме шансата и се блокираме самите себеси. – Тоа е многу важен сигнал од ЕУ што ние мора да го искористиме. Тоа значи дека сите напори што ги вложуваме сега, оваа година, сите напори за кои што ни велат дека брзаме, се оправдани и и сакаме да го фатиме возот, да ја фатиме оваа можност што ни се дава, вели Маричиќ.
Османи: Ја добивме 2030 како рамка, нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во ЕУ
Скопје, 30 август 2023 (МИА) – Изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ЕУ да се подготви за проширување до 2030 година, дадена на Бледскиот стратешки форум има историска тежина и ја чини кредибилна европската перспектива на земјите канидати за членство. Сега со дадена рамка на нас е да работиме. Нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во ЕУ, оцени шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Тоа што се случи во Блед, е дел од историјата. Ќе биде дел од историјата. Тоа што беше Солунскиот самит во 2003 година мислам дека од прилика таква тежина ќе има Бледскиот стратешки форум каде што претседателот на Советот, во име на ЕУ рече Унијата ќе биде спремна до 2030 година да прима нови членки. И тоа е пораката што ние ја баравме. Тоа не значи дека 2030 ние ќе влеземе ако не сме спремни. Важно Европа ќе ги отвори вратите до 2030 година, рече Османи.
Пендаровски – Павел: Недвосмислена и отворена поддршка од Чешка за евроинтеграциите на земјава
Скопје, 29 август 2023 (МИА) – Чешка е наш значаен и докажан сојузник со кој веќе три децении градиме пријателски политички и економски односи. Особено ja цениме недвосмислената и отворена чешка поддршка за македонските евроинтеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во ЕУ, оцени претседателот Стево Пендаровски, кој од денеска престојува во официјална посета на Чешка.
– Благодарност за минатогодишниот ангажман на Чешка како претседавач со Советот на Унијата, но и за сите напори што ги вложува земјата, а кои се од особен интерес за нас заради успешниот модел на регионална соработка, оцени Пендаровски.
Македонското и чешкото општество, наведе Пендаровски, се поврзани со силни историски и културни врски кои ги градат нашите граѓани, а нашите две држави веќе три децении градат пријателски политички и економски односи.