Брисел – Да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за промени во однос на Преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот од тоа нема да има корист за никого, порача во Брисел премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашањето на МИА за коментар на изјавата на претседателот на Европскиот совет дека иако проширувањето е процес базиран на заслуги, сепак во носењето одлуки за него мора да се води сметка за комплексноста на ситуацијата во Европа.
– Апсолутно тоа е изјава која што претседателот на Европскиот совет не ја кажува првпат, туку ја има кажано неколку пати. Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година. исто како што ние имаме цел до 2030 година во однос на реформите коишто треба да се донесат, изјави Ковачевски. (14 декември)
Заклучоци од Самитот на ЕУ за проширувањето: Северна Македонија да го забрза усвојувањето на уставните измени
Брисел – Европската Унија е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, се наведува во вечерва усвоените заклучоци за проширувањето, Украина и реформите на Самитот на ЕУ.
– Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени, се наведува во документот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, потврдувајќи ја својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на земјите од Западниот Балкан во Унијата, лидерите на ЕУ воедно повикуваат на забрзување на процес на нивно пристапување во блокот. (14 декември)
Мишел: ЕУ реши да започне пристапни преговори со Украина и Молдавија
Брисел – Лидерите на земјите членки на ЕУ донесоа одлука за старт на преговори за членство со Украина и Молдавија, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на платформата Икс.
– Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Украина и Молдавија, наведе Мишел во објавата.
Според него, Советот на ЕУ решил и да и додели статус на земја кандидат за членство на Грузија, додека во однос на БиХ останува условената препорака за старт на преговорите.
– ЕУ ќе ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство и ја повикува Комисијата да поднесе извештај до март со цел да се донесе таква одлука, додаде Мишел. (14 декември)
Борел: ЕУ ќе обезбеди два милиони евра за поголема отпорност на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора
Брисел – Еден од резултатите на Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе биде најавата дека ќе обезбедиме дополнителни речиси два милиони евра со цел да ја зајакнеме отпорноста на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, порача високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел пред почетокот на средбата на врвот во Брисел.
– Во текот на оваа година многу патував во регионот. Го одржавме Советот за асоцијација во Албанија и Северна Македонија. И ние мора да продолжиме да се ангажираме повеќе со нив, особено на зголемување на отпорноста на кибер напади и новите форми на војување, рече Борел.
Тој нагласи дека живееме во тешко, предизвикувачко и опасно опкружување и тоа влијае врз ЕУ, врз нејзиното соседство и врз Западниот Балкан, па затоа процесот на проширување мора да се забрза. (13 декември)
ЕБОР и ЕУ инвестираат во заеднички железнички премин меѓу Северна Македонија и Србија
Скопје – Со средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија (ЕУ) ќе гради првиот заеднички железнички граничен премин помеѓу Северна Македонија и Србија, како дел од напорите на Унијата за зајакнувањето на регионалната интеграција и поврзаноста во Западниот Балкан.
Заедничкиот железнички граничен премин ќе биде изграден со кредит од пет милиони евра од ЕБОР и инвестициски грант од 2,5 милиони евра од Европска Унија, на железничката рута од Коридорот 10, кој е дел од проширената Трансевропската транспортна мрежа (ТЕН-Т).
Се очекува заедничкиот граничен премин да ја подобри ефикасноста, да го намали времето на чекање на границата и да го олесни патувањето за луѓето и транспорт на стоки. (14 декември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.