Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Штип – Премирот Димитар Ковачевски денеска порача дека во периодот на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а владините мерки имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.

Додаде дека во таа насока се донесени одлуките за повластена тарифа на струја пониска од берзанската, со што се влијае на намалувањето на цените на основните прехранбени производи.

Тој нагласи дека согласно податоците, кои ги објавиле деновиве, вкупно 518 субјекти, од кои 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи се пријавиле за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку „ЕСМ Продажба“. (26 ноември)

Османи: Планирам средба со иницијаторите на клубовите за да видам која е нивната цел

Скопје – Отворен сум за комуникација да седнеме да разговараме, наш интерес е бугарската заедница да биде етаблирана, интегрирана и во одлични односи со сите други заедници во државата, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Јас мислам дека треба да се разговара со бугарската заедница, јас планирам да имам таков дијалог и со иницијаторите на клубовите да видиме што е целта, рече Османи.

Министерот зборувајќи за оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, нагласи дека МНР беше едно од првите кое реагираше и ги осуди тие настани. Додаде и дека како Влада имале резерви по однос на името кое го има избрано тој клуб, бидејќи смета дека тоа е провокација за нашите односи. (26 ноември)

Приватните превозници со блокади на скопските сообраќајници до исполнување на нивните барања

Скопје – Приватните превозници вклучени во Јавниот линиски превоз од изутринава со повеќе од 30 автобуси протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај „Мавровка. Од  приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“ велат дека не е утврдено времетраењето на протестот бидејќи се планира да трае до исполнување на барањата.

Оттаму најавуваат дека ако брзо не се решат нивните барања наредните денови блокадата ќе се прошири и на други делови од Скопје.

Минатата недела тие не сообраќаа поради неисплатениот долг од Јавното сообраќајно претпријатие кон нив. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, пак ги обвини дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец. Во демантот на таквите обвинувања, превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети. (28 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.