Скопје – Сега треба да се оди кон примена на договореното и јавно кажаното на прес-конференцијата по лидерската средба за уставните измени, а не кон толкување, што некој сакал да каже, бидејќи тоа што беше разговарано беше и кажано, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба прифатиле уставни измени.
Сега останува на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон процесот, односно да остане во процесот, бидејќи демантирањето или излегувањето од она што беше договорено и искажано на прес-конференцијата сметам дека би било големо разочарување како за граѓаните, така и за меѓународната заедница која навистина овој пат сака да ја види Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ и до 2030 година да биде членка, изјави Ковачевски. (12 јуни)
Мицкоски: Ако не се прифати еден од нашите предлози, избори би биле единствено логично решение
Скопје – ВМРО-ДПМНЕ ќе почека уште некој ден за да добие одговор од СДСМ за предлозите што ги изнесов на лидерската средба и ако се пропушти оваа шанса ќе стане јасно дека процесот е целосно заглавен, по што единствено логично решение би биле избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Дојче Веле.
Ние чекаме одговор. Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден, вели Мицкоски во однос на тоа дали има најава од СДСМ кога ќе дадат одговор на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, изнесени од негова страна на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски минатата среда.
Според Мицкоски, СДСМ е потполно свесна за тоа што тој го понудил на лидерската средба, но се обидува да манипулира „со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови“. (12 јуни)
Груби: Верувам дека кон крајот на јули ќе ја започнеме собраниската постапка за уставни измени
Скопје – Правиме напори да ги започнеме уставните измени и верувам дека ќе ја започнеме постапката во Собранието кон крајот на јули, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби.
Во Собранието има 120 пратеници, не 80. Сметам дека сите тие, со исклучок на двајца, се за интегрирање на нашата земја во ЕУ, како што беа за во НАТО. Убеден сум дека ако се претстави добро оваа техничка измена во Уставот, би ја прифатиле и граѓаните, а не само пратениците. Ова се само технички амандмани за да го продолжиме европскиот пат на Македонија, рече Груби.
Тој порача дека „ДУИ е партија која ветува и остварува“. – Ние би се жртвувале само Северна Македонија да влезе во Европска Унија. Небитна е власта. Меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе бираме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот. После сите кризи, ова е вистинскиот пат, кажа Груби. (12 јуни)
Таравари: Условот на ВМРО-ДПМНЕ е во спротивност со преговарачката рамка
Гостивар – Условот на македонската опозиција за суспензивни уставни измени е неостварлив, бидејќи е во спротивност со преговарачката рамка на ЕУ, оцени денеска лидерот на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари.
Според него, измените на Уставот треба да стапат во сила најдоцна до моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција.
Алијансата за Албанците внимателно ја анализира новонастанатата состојба и до крајот на неделата ќе одржиме состанок на раководството на партијата по што ќе излеземе со усогласен став во партиските органи, рече Таравари на прес-конференција, чиј повод, како што беше кажано, се средбата и разговорите што ги водат премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. (12 јуни)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.