Скопје – Посетата на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје најававена за крајот на месецот е во рамки на редовната комуникација помеѓу ЕК и нашата држава и никој не доаѓа некому да врши тортура, како што кажуваат од опозицијата, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Треба да ги исполниме нашите обврски од преговарачката рамка, да продолжиме со европските интеграции и до 2030 година да станеме членка на ЕУ,
Димитар Ковачевски, претседател на Владата
– Еден од претседателите во опозицијата кажа дека очекувал некој да му прави тортура, гледате дека ниту некому му се случи тортура, ниту некому му се правеше притисок. Северна Македонија нормално функционира, нормално се одвиваат демократските процеси. Ние треба да ги исполниме нашите обврски од преговарачката рамка, да продолжиме со европските интеграции и до 2030 година да станеме членка на ЕУ, посочи Ковачевски.
За посетата на Фон дер Лајен која ја најави вчера, рече дека се очекува да биде потврдена заедно со датумот. (19 октомври)
Маричиќ: 2030 како план и шанса за членство во ЕУ е мотив и движечка сила за брзи реформи и промени
Скопје – За земјите кандидатки временската рамка за членство значи дека има шанса и план за тие кои ќе бидат спремни да станат членки на ЕУ. Тоа ќе го врати и кредибилитетот на политиката на проширување, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на дијалогот на Школата за транснационално владеење (ЕУИ) на тема „Отворената стратешка автономија на ЕУ и Западен Балкан“, на кој учествуваше на покана на Европскиот институт од Фиренца.
– 2030 како датум за европска перспектива на регионот со конкретен план треба да ни биде мотив и движечка сила за промени, шанса која треба да ја искористиме, рече Маричиќ потенцирајќи дека тоа е клучот да се врати довербата и популарноста за идејата на ЕУ, а не само за процесот на евроинтеграција.
Во таа насока тој додаде дека доколку нема временска рамка секогаш ќе има оправдување зошто и како треба да се одложи проширувањето на ЕУ. (19 октомври)
Абдиу-Халили: Со имплементација на стандардите на ЕУ ќе имаме конкурентно земјоделство на европскиот пазар
Брисел – Усогласувањето и имплементацијата на земјоделските стандардите на ЕУ ќе значи повеќе можности за нашите земјоделци, како и развој на модерно и конкурентно земјоделство на единствениот европски пазар, изјави денеска заменик главниот преговарач на земјава со ЕУ и државна секретарка во СЕП, Дрита Абдиу-Халили пред претставниците на ЕК во рамки на билатералниот скрининг за Поглавјето 11 – Земјоделство и рурален развој, кој е дел од Кластерот 5 – Ресурси, земјоделство и кохезија.
Во рамки на скринингот членовите на македонската делегација одржаа над 40 презентации за постојната законска рамка за земјоделството и руралниот развој, интервенциите на земјоделскиот пазар, системите за контрола на квалитетот на земјоделските производи, трговските механизми, спроведување на антикризните мерки и пласманот на земјоделските производи во земјава. (19 октомври)
Гир: Следните чекори за евроинтеграциите се на вашите политички чинители
Скопје – Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека има многу силна поддршка за европската иднина на државата и изрази надеж дека таа ќе се придвижи напред со усвојување на уставните измени и спроведување на реформите.
Гир рече дека следните чекори на евроинтеграцискиот пат се одлуки што треба да ги донесат политичките чинители во земјава, а не Советот на ЕУ или земјите членки.
– Има многу силна поддршка за европската иднина на Северна Македонија и од институциите на ЕУ и од земјите членки. Како што знаете со последната одлука што беше донесена во јули 2022 година имаше еден европски предлог што беше усогласен и всушност беше можност за отворање на пристапните преговори. Од друга страна, ова беше можност земјата да се придвижи напред. Навистина искрено се надеваме дека земјата ќе може да се придвижи напред со усвојување на уставните измени, исто и со спроведување на реформите, изјави Гир. (18 октомври)
Коп: Во земјата нема вистинска политичка волја за промена
Скопје – Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп вели дека во земјава не постои вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои ги блокираат промените и Инстанбулската конвенција.
Се е заглавено поради недостигот на имплементација, корупцијата и непотизмот,
Дирк Јан Коп, амбасадорот на Холандија во Република Северна Македонија
– Сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека ЕУ е виновна, дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. Се е заглавено поради недостигот на имплементација, корупцијата и непотизмот, рече Коп на Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“. (19 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.