Скопје -Премиерот Димитар Ковачевски синоќа разговараше телефонски со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
На телефонскиот разговор учествуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, соопшти владината прес-служба.
Разговорот беше со фокус на стратешкото партнерство на Северна Македонија и САД и идната соработка и поддршка која ја имаме во насока на остварувањето на нашите стратешки цели. Се разговараше и на повеќе теми како што е справувањето на Владата со енергетската криза, но и за инфраструктурните и енергетски проекти за кои Северна Македонија ќе има силна поддршка од САД. (15 декември)
Грковска: Фокусирани сме на унапредувањето на транспарентноста, како сериозна алатка за борба против корупцијата
Транспарентноста на институциите мора да биде приоритет за сите нас. Само преку унапредување на транспарентноста, ќе ја зајакнеме отчетноста и контролата. Јас немам илузии дека корупцијата целосно ќе ја победиме, но мора да покажеме видливи и конкретни резултати, да создадеме услови за владеење на правото и еднаквост на институциите, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Таа на денешната регионална конференција за борба против корупцијата во Скопје, рече дека корупцијата не познава граници, ниту пак може или смее да се третира изолирано.
Грковска посочи дека со нејзиниот кабинет се фокусирани на унапредување на транспарентноста, како сериозна алатка за борбата против корупцијата и организираниот криминал, особено за начинот на кој што се трошат јавните пари. (14 декември)
Министерот Османи во еднодневна работна посета на Атина
Атина – Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска престојува во работна посета на Атина, каде ќе оствари средби со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и министерот за животна средина и енергетика на Грција Ксотас Скрекас, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од МНР, во фокусот на разговорите Османи – Дендиас ќе бидат билатералните односи и соработката меѓу двете земји, европското досие на нашата земја, сојузништвото во НАТО и геополитичките предизвици во регионот, како и приоритетите на претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Од грчкото МНР соопштија дека се очекува разговорите на двајцата министри да се фокусираат на претседавањето со ОБСЕ од страна на Северна Македонија, европскиот тек на Западен Балкан, спроведувањето на Договорот од Преспа, зајакнување на билатералните односи и регионалните и меѓународните случувања. (15 декември)
Дојави за бомби во неколку училишта во Скопје и Куманово
Скопје – Дојави за поставени бомби утринава пристигнале до неколку основни училишта во Скопје и Киманово, потврдуваат од МВР за МИА.
Како што соопшти МВР, утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа.
– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, информираа од МВР. (15 декември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.