Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – На Комисијата за уставни прашања денеска беа изгласани два заклучоци и тоа за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт- амандманите за измена на Уставот, доколку биде прифатена потребата за негова измена на седницата на 18 август. Двата заклучоци беа донесени со десет гласа „за“ и со седум гласови „против“.

-Под еден, Комисијата го поддржува предлогот за пристапување кон измена на Уставот поднесен од Владата на Република Северна Македонија. Под два, Комисијата предлага на Собранието предлага да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот, предложи Џафери.

Вториот заклучок се однесува на подготвување на нацрт – амандмани за измена на Уставот, доколку се изгласа потребата на собрансиката седница закажана за 18 август.

Согласно член 131, став 1 од Уставот одлуката за пристапување кон измена на Уставот на РСМ ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број на гласови на пратеници. Доколку Собранието донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот согласно членот 196 став 4 од Деловникот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацрт амандманите на Уставот, поради што предлагам на Комисијата да усвои и на Собранието да му предложи следниот заклулчок: Подносителот на предлогот за измена на Уставот, Владата на РСМ најдоцна во рок од 15 дена да подготви текст на нацрт-амандманите и да го достави до Собранието, рече Џафери. (25 јули)

Ковачевски: Вреди да се биде на европскиот пат, пристапувањето во ЕУ носи европски стандарди за граѓаните, компаниите и државата

Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски попладнево на седницата за пратенички прашања во Собранието посочи на придобивките од евроинтеграцискиот пат на државата, на значењето да се продолжи по европскиот пат, за придобивките од полноправното членство во ЕУ. Ги нагласи и значењето на проевропската Влада за граѓаните и претстојната државничка одлука за европските перспективи на граѓаните, што се очекува од Парламентот.

Овие придобивки значат повеќе работни места, подобрување на животниот стандард, поголеми деловни можности и огромни можности што овозможуваат да напредуваме во развојот и како држава и како граѓани, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски соопшти дека само преку ИПА програмата досега во земјава за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу 1 милијарда евра неповратни средства. (27 јули)

Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје – Скопје со повеќе активности и манифестации одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога животот го загубија 1 070 лица, а 3 000 беа повредени.

На 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, со помали потреси до пет часот и 43 минути. Притоа, беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата.

По трагедијата на Скопје, Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје.

Обединетите нации презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град.

На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. Подоцна, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје, во која се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје. (26 јули)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.