Белград – Иницијативата Отворен Балкан (ОБ) во областа на културата започна во вторникот во Белград со реализација со гала концерт на Зубин Мехта во присуство на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, по што ќе следи гостување во Тирана и Скопје.
По тој повод во интервју за МИА Костадиновска Стојчевска говори за Отворен Балкан, за досегашна реализација и идните проектите, гостувањето на Националната опера и балет во Белград и заедничкиот настап на трите земји во Париз.
Ние веќе го подготвуваме првиот поголем настан каде сите три земји од Отворен Балкан ќе се престават преку уметноста во Париз на 13 јули. Таму ќе бидат присутни двајцата премиери и претседателот на Србија, министерките за култура. Ова ќе биде настан на највисоко ниво во срцето на Франција, каде уметноста секогаш има предност пред се друго, вели министерката. (22 јуни)
Црната листа на САД најверојатно ќе се проширува и со други, целта е да помогне во напорите за борба против корупцијата
Скопје – Црната листа на САД ќе се проширува и покрај името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на неа ќе се најдат и други македонски граѓани, најави американската амбасадорка Анџела Агелер.
Заменик-помошник државен секретар за САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се надева дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на Мерко на „црната листа“ поради „значителна корупција“, ќе и помогне на Владата да продолжи со напорите за борба против корупцијата.
За премиерот Димитар Ковачевски тоа потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт, посочувајќи дека „нашите истражните и правосудни органи треба да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години“. (22 јуни)
Ковачевски: Верувам дека меѓу 120-те пратеници, огромно мнозинство се за евроинтеграција на државата
Виница – Премиерот Димитар Ковачевски верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на својот став околу уставните измени искажан на лидерската средба од страна на нивниот лидер Христијан Мицковски.
Во одговор на новинарско прашање денеска од Виница, Ковачевски изрази уверување дека меѓу 120-те пратеници во Собранието, мнозинството е за европската интеграција на државата.
Процесот нема да застане без разлика на променливите ставови на ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека меѓу 120-те пратеници во Собранието има огромно мнозинство кое е за европската интеграција на земјата, изјави Ковачевски. (21 јуни)
Георгиев: Доколку се дозволат законски интервенции за Судскиот совет, тоа ќе биде лоша пракса за во иднина
Скопје – Право и обврска е на министерот за правда да дава предлози и решенија до Собранието за некакви законски решенија, но морам да потенцирам дека доколку се дозволи со некакви законски интервенции за Судскиот совет како тело и за други тела кои што претставуваат уставна категорија, тоа ќе биде една лоша порака и лоша пракса за во иднина, изјави претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев.
Министерот за правда Кренар Лога во понеделникот изјави дека Едно од можните решенија за состојбите во Судскиот совет е со законски преодни одредби да се овозможи предвремен престанок на мандатот на сегашниот состав.
Во однос на случувањата во Судскиот совет и дали оставки од сите членови е решението, Георгиев, рече дека оставките се лично право, но дека во дадената ситуација тоа не е решение. (21 јуни)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.