Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Северна Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени, порача денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.  

– Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач ако е потребно, истакна Кос. 

Во однос на забелешките на бугарски европратеници околу терминологијата „билатерално прашање“, Кос рече дека тоа е европско прашање, но исто така е и прашање на една земја членка и една држава кандидатка и тие мора да разговараат.  

– Се согласувам дека сите ние мора да се грижиме за помирувањето и добрососедските односи, не само Северна Македонија, не само Бугарија, туку сите ние. Но, тоа не е можно без да разговараме едни со други, додаде Кос. 

Таа истакна дека се понудила да биде олеснувач во тие разговори, затоа што од страна гледа поинаку на тоа што се случува. 

– Ако можам да помогнам, тогаш сум подготвена да седам 24 часа. Колку и да е потребно, за да се дојде до решение. И да, Северна Македонија мора да го промени Уставот и тогаш ќе продолжиме со процесот на пристапување. Така што, да, тоа е тешка работа, но верувам дека сите ќе придонесете за тоа, додаде Кос. 

Говорејќи воопштено за пристапниот процес на сите земји кандидати за членство, Кос нагласи и дека сега е појасно од кога било досега дека не може да има проширување без почитување на демократските вредности. 

Таа додаде дека денес живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок, и само за шест месеци од стартот на нејзиниот мандат глобалниот пејзаж се промени драматично, па затоа во интерес на безбедноста и иднината на континентот потребно е „да заврши обединувањето на Европа“.  

– За мене проширувањето е многу повеќе од само проширување. Туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност, туку јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи, рече Кос. 

Во тој контекст, според неа, ЕУ треба да бидеме подготвена да проектира стабилност и мир низ целиот континент и во европското стратешко соседство во Централна Азија и Медитеранот. (3 јуни 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.