Брисел – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска упатија честитки по повод Денот на независноста на Северна македонија – 8 септември.
– По повод националниот ден на Северна Македонија, упатувам срдечни честитки до нејзиниот народ и власти, наведе Кошта во објава на Икс.
Тој во честитката натаму додава дека Европската унија останува посветена на нашата заедничка иднина и на европскиот пат на земјата.
Кос, исто така во објава на Икс, упати честитка до македонските граѓани по повод Денот на независноста.
– Цврсто го поддржувам вашиот пат за приклучување кон нашата Унија. Ние сме со вас на секој чекор од тој пат, наведе Кос во честитката.
На 8 септември 1991 година над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот како национална валута на 26 април 1992 и формирањето на сопствени вооружени сили. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, земјата беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.
Во изминатите 34 години самостојност, државата помина низ низа проблеми и тешкотии – трицифрена инфлација на почетокот на 1990-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.
Спорот со Грција околу името конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ. На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30 членка на НАТО, а на 19 јуни 2022 година, по 18 години како кандидат за членство во ЕУ, земјата ја одржа Првата меѓувладина конференција со Унијата, со што започна нејзиниот преговарачки процес. (8 септември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
