Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Мора да работиme за целосно исполнување на обврските на Северна Македонија, кои се предуслов таа формално да ги отвори пристапните преговори и колку побрзо се спроведат реформите и се исполнат сите критериуми, толку побрзо ќе го завршиме процесот на проширување и секој од партнерите од Западниот Балкан ќе влезе во Европската Унија, порача денеска претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта во интервју со група новинари од Западниот Балкан, меѓу кои и дописникот на МИА од Брисел.  

– Секако, неопходно е да се почитува она што Северна Македонија го оствари и мислам дека е многу важно да се постигне зајакнување на довербата меѓу Северна Македонија и нејзините соседи, особено Бугарија. Мора да работиме за да обезбедиме дека Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски, кои се предуслов Северна Македонија формално да ги отвори преговорите. Имам голема почит кон напорите што Северна Македонија ги направи во минатото за надминување на пречките, особено со Грција. Тоа е земја кој дури го промени своето име за да ги надмине овие пречки, нагласи Кошта во одговор на прашање на МИА. 

Во врска со рокот поставен од неговиот претходник Шарл Мишел, кој 2030 година ја постави како цел за прием на нови членки во ЕУ, Кошта рече дека како што нагласи и во неговиот инаугуративен говор при преземањето на функцијата кон крајот на минатиот месец, тој не верува во „вештачки календари“. 

– Најважно е сите да сфатиме дека имаме малку време и дека го имаме чувството за итност. Со секој изминат ден на луѓето од Западниот Балкан ќе им биде потешко да веруваат дека, всушност, еден ден ќе го завршиме овој процес (на пристапување), порача Кошта. 

Тој додаде дека не може да каже дали тоа ќе се случи за една, за три години или за четири години, но фокусот мора да се стави на тоа што треба да се направи врз основа на тоа чувство за итност. 

– Колку побрзо успееме да ги завршиме реформите, толку побрзо ќе успееме да ги исполниме сите критериуми, толку побрзо ќе го завршиме овој процес и секој партнер од Западниот Балкан ќе влезе во Европската Унија. Колку побрзо тоа се случи, толку побрзо ќе имаме побезбедна, посигурна и попросперитетна Европа, додаде Кошта. (16 декември) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.