Брисел – Напредокот во пристапниот процес се оценува само според Копенхашките критериуми и неприфатливо е да продолжи блокирањето од страна на некои земји членки од причини поинакви од оние утврдени во пристапот базиран на заслуги, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на крајот на „Форумот за проширување на ЕУ 2025: Заокружување на Унијата, обезбедување на нашата иднина“ што денеска се одржа во Брисел.
– Треба да продолжиме со реформите во нашите земји кандидати (за членство), осигурувајќи се дека ги исполнуваат високите стандарди на Европската Унија за демократија, владеење на правото и фундаментални права, како што е утврдено во нашиот пристап базиран на заслуги. А тоа значи токму тоа – процес на пристапување оценет само според Копенхашките критериуми и според ништо друго. Неприфатливо е да продолжи блокирањето на пристапувањето од некои земји членки од причини поинакви од оние утврдени во пристапот базиран на заслуги, рече Кошта.
Тој нагласи дека проширувањето не е само апстрактна амбиција, туку е трансформативен процес и не е далечен сон, туку реална можност за во наредните години.
– Успехот на Европската Унија произлезе од храбрата политичка решителност на нашите претходници. Денес, мора да ја покажеме истата таа визија и решителност. Партнерите за пристапување мора да одлучат дали имаат политичка волја да ја продолжат својата европска трансформација или сакаат да останат заробени во болните историски наследства. Ова е клучното прашање: Можеме ли да ги надминеме историските поделби и фрагментации, еднаш засекогаш, и да прифатиме Унија на заедничка иднина, рече Кошта.
Според него, членството во Европската Унија подразбира здружување и обединување во заедничките аспирации и судбина и затоа таа мора да реши – или ќе си дозволи да продолжи да губи време или е подготвена да еволуира за да се справи со предизвиците на сегашноста и иднината.
– Верувам дека Европа не смее да стане музеј на минатиот просперитет. Проширувањето е патот напред и единствениот начин да се обезбеди Европа да остане глобална сила за мир, просперитет и стабилност. Мора да продолжиме да работиме заедно како партнери градејќи Европа која е безбедна, просперитетна и обединета, истакна Кошта. (18 ноември 2025)
Фото: Европски совет
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
