Тирана – Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, обвинува дека Бугарија врши “срамен притисок“ врз Албанија за да ги натера Македонците во оваа држава да се декларираат како Бугари.
„Според сите пописи спроведени во Албанија од создавањето на албанската држава до последниот попис, нема ниту една личност, ниту еден изјаснат за Бугарин во регистрите на албанската држава. Во областа Преспа во 2011 година кога беше спроведен пописот и во селото Врбник во Деволската област, 100 отсто сите се изјаснати за Македонци. Немаме ниту еден Бугарин.„, вели Стерјовски за МИА.
Тој со доза на огорченост и разочарување оценува дека „внесувањето на бугарското малцинство во законот за заштита на малцинствата во Албанија под притисок на Софија е „срамен чин“. И додава дека последните години Македонците во Албанија се соочуваат со “агресивна политика од страна на Бугарија за нивна асимилација“.
Ова, вели тој, на терен се одвива со молчење од страна на Тирана, која стравува од бугарска блокада во преговарачкиот процес со ЕУ. Според претставниците на македонските асоцијации во земјата живеат над 120 илјади етнички Македонци. (25 август)
Се очекува Владата да прогласи кризна состојба во енергетиката
Скопје – Владата денеска се очекува да донесе одлука за прогласување на кризна состојба за електричната и топлинската енергија која ќе важи од 1 септември. Од почетокот на септември стапуваат на сила и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до крајот на март следната година.
Надлежните институции уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија.
Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна изјави дека се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар.
Во очекување на престојната зима, за која оценките се дека ќе биде најтешка во последните 70 години, Владата на 16 август донесе пакет мерки за штедење на електрична енергија кои треба да стапат на сила од 1 септември, како исклучување на декоративно осветлување и намалување на климите и греењето. Со мерките се очекува заштеда до 15 отсто.(25 август)
Евростат: 72 отсто од македонските граѓани читаат вести онлајн
Скопје – 72 отсто од корисниците на интернет во Северна Македонија читаат вести онлајн, покажува истражувањето на Евростат.
Од земјите во регионот, повеќе од македонските граѓани, вести на интернет читаат Грците (90 отсто), Црногорците (80) и Србите (77), а помалку Албанците (58 отсто).
Во ЕУ, девет од десет луѓе на возраст меѓу 16 и 74 години, користеле интернет минатата година, а најмногу за читање вести.
Меѓу земјите членки на ЕУ, најмногу корисници на интернет кои читаат онлјан вести се регистрирани во Финска (93 отсто), Литванија и Чешка (92 отсто) и Хрватска и Грција (90 отсто).
Најмалку читатели на вести на интернет има во Романија (59 проценти), Германија (62 проценти), Франција (63 проценти), Италија (64 проценти) и Белгија (67 проценти).
Во споредба со 2016 година, употребата на интернет за читање онлајн вести се зголемила повеќе кај жените, отколку кај мажите. (24 август)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.