Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Со успешното завршување на скрининг процесот, до крајот на месецов до ЕУ ќе треба да ги доставиме клучните документи за отворање на преговорите по првиот кластер, по што тоа ќе останат само уставните измени како единствен услов за продолжување на преговарачкиот процес за членство на земјата во Унијата, порача вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за МИА на крајот на неговата работна посета на Брисел за време на која присуствуваше на последните билатерални состаноци со кои беше затворен скринингот на земјава со Европската комисија.   

Имаме капацитети за преговори со ЕУ,

Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања

– Она што можеме де го кажеме е дека од овој скрининг процес ние веќе имаме и конкретни резултати и плодови. Тоа треба да ни биде модел за тоа како понатаму треба да се движиме во преговорите и одговор на прашањето дали имаме капацитети за преговори, кое што е многу пати поставувано. Да, имаме и скрининг процесот тоа го покажа, истакна Маричиќ. (9 декември)

Нацрт патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација пред матичните собраниски тела

Скопје – Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања денеска во Собранието ќе одржат заедничка седница. 

На дневен ред е Разгледување на Нацрт Патоказ за владеење на правото и Нацрт Патоказ за реформа на јавната администрација.

Пред десетина дена земјава доби покана од шпанското претседателство на Европската Унија за да ги достави патоказите за владеењето на правото, реформите во јавната администрација и функционирањето на демократските институции и Акцискиот план за заштитата на припадниците на немнозинските заедници, кои се очекува до крајот на овој месец да бидат испратени до ЕУ. (11 декември)

Одлука на Претседателството на ДУИ Талат Џафери да биде технички премиер од 28 јануари

Скопје – Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на состанок во партиското седиште одлучило актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери да биде технички претседател на Владата на Република Северна Македонија од 28 јануари во пресрет на изборите напролет.

Џафери во видео порака истакна дека му претставува особена чест доделената доверба од партиските органи за номинација на наредната функција – технички премиер во Владата во последните 100 дена. 

– И оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од моја страна  како одговор на поддршката искажана од партиските органи, а пред се и од граѓаните на Република Северна Македонија, порача Џафери во видео изјава. (8 декември)

Лајчак: По подолго време ЕУ првпат е подготвена за проширување

Белград – Специјалниот претставник на Европската Унија за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина Мирослав Лајчак изјави дека првпат по долго време ЕУ е подготвена за проширување, јави дописникот на МИА од Белград.

– Првпат по некое време ЕУ е подготвена за проширување. Крајно време е да ја искористиме таа можност, напиша синоќа Лајчак на платформата Х (Твитер).

Дебата: Придобивки од Берлинскиот процес за Северна Македонија

Скопје – Придобивките од Берлинскиот процес се значајни за земјите учеснички и нивните економии, како и меѓусебната соработка, а пониските роаминг тарифите основа за уште поамбициозни потфати, оценија учесниците на панел дискусијата „Придобивките од Берлинскиот процес за Северна Македонија: Осврт на сработеното во делот на заедничкиот регионален пазар со фокус на роамингот“ што се одржува во Скопје во организација на Институтот за демократија.

– Постигнат е договор во рамки на Берлинскиот процес и со тоа има придобивки во прилог на економијата и на земјите учеснички, оцени претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми.

Германската амбасадорката Петра Дрекслер потенцираше дека Владата на Германија е посветена на Берлинскиот процес, потсетувајќи дека канцеларот Олаф Шолц на Самитот во Тирана ги истакна придобивките кои од него можат да ги очекуваат граѓаните од земјите на Западен Балкан. (11 декември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.