Скопје – Ако 2023 година беше година на успешен скрининг, 2024 година треба да биде година на обновен политички консензус за европска интеграција, политички консензус не заради партиските придобивки, туку заради остварување на стратешката цел и заедничката иднина, а тоа е Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата.
Маричиќ наведе дека согласно обврските патоказите и акцискиот план се усвоени вчера на владина седница, а денеска официјално ќе бидат доставени до ЕУ, но додаде дека останува обврската од Преговарачката рамка за усвојување на уставните измени, што, како што рече, е обврска на секоја партија и пратеник. (27 декември)
Џафери за МИА: До 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието, кој ќе ја прими програмата и составот на техничката влада
Скопје – Од средината на јануари треба да почнат формално – правните постапки за подготовка за избор техничката Влада која треба да работи на реализација на изборите за народни избраници на 8 мај. Во интервју за МИА претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е предложен за премиер на техничката Влада изјави дека како ќе се одвиваат овие промени во смисла на тајмингот ќе се знае најверојатно од 9 јануари кога ќе се одржи првата координација со пратеничките групи во 2024 година. Според него, до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието.
Тој најави дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат распишани истовремено на 14 или на 15 февруари, а Собранието ќе работи до почетокот на април, кога и формално треба да почне кампњата за претседателските избори. (27 декември)
Ковачевски: Комисиите за историски прашања со Бугарија и Грција се на паритетна основа и работат без политички влијанија
Скопје – Комисиите за историски прашања со Бугарија и Грција се на паритетна основа, комплетно ги раководи научната фела и работат без какви било политички влијанија, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– Исторските комисии кои работат и со Грција и со Бугарија, а такви постојат и меѓу земји-членки на ЕУ (Полска и Германија), работат независно од политичко влијание и се комплетно раководени од научната фела, односно од историчарите. Тие се направени на паритетна основа. Во Комисијата со Бугарија учествуваат исклучиво исторчари, а во Комисијата со Грција има и дипломати. Сите информации за нивното работење може да се добијат во комисиите и во МНР, рече Ковачевски. (25 декември)
Гарсија: Во преговарачкиот процес пречки може да има и од други земји
Скопје – Ја поддржуваме Северна Македонија во нејзиното барање и определба да биде полноправна членка на Европската Унија, вели шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Прашан дали уставните измени за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав се гаранција дека Бугарија нема да поставува дополнителни услови за блокирање на евроинтеграцискиот процес на државава, одговара дека не е исклучена можноста дека во процесот на преговори може да се отворат и други барања од други земји членки, дури и доколку бидат усвоени уставните измени, од кои зависи одржувањето на Втората меѓувладина конференција.
– Можеби ќе има други услови и барања од други земји, но на крајот работите ќе добијат друга димензија и важност. Што ќе значи ова? Дали ова ќе биде последна пречка? Можеби ќе има многу други пречки, вели амбасадорот Гарсија. (24 декември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.