Берлин – Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер изјави дека ЕУ правела грешки во процесот на проширување на Западен Балкан и не исполнила некои свои ветувања, но дека во бавно напредок на земјите од регионот удел имаат и двете страни.
– Земјите од Западен Балкан направија премал напредок во реформите од многу различни причини. Од друга страна, ЕУ даде ветувања кои потоа не беа одржани. Погледнете го примерот со Северна Македонија, кандидат за членство од 2005 година. Земјата го смени своето име во 2019 година под грчки притисок, но пристапните преговори не се отворени до денес – спротивно на она што беше ветено. Како Европска Унија, повеќе не можеме да дозволиме такви сиви зони во нашата политика за проширување, потенцира Мекалистер интервју за „Велт“.
Во однос на тоа колку долго треба да чекаат земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ, Мекалистер со став дека процесот на пристапување е регата, а не конвој. – Секоја земја мора да напредува кон членство во ЕУ со свое темпо и да се оценува поединечно. Не смее да има компромиси кога станува збор за критериумите за пристапување, посочи Мекалистер. (7 февруари)
Скопската Итна помош доби седум амбулантни возила како донација од ЕУ
Скопје – Седум возила за брза помош доби денеска Службата за итна помош во Скопје, како донација од ЕУ. Станува збор за најнова испорака на помош од ЕУ наменета за помош на здравството во обезбедување подобри услуги за граѓаните.
Евроамбасадорот Дејвид Гир кој присуствуваше на примопредавањето на возилата, посочи дека ова е пример за поддршката која што ја дава ЕУ, а која ќе има влијание на квалитетот на животот на многу пациенти.
– Скопје како најголем град има најголема потреба од овие возила. Денешнава донација ќе може да го ублажи недостатокот од ваквите возила. ЕУ активно дава поддршка во сферата на здравството, со цел да се подобрат здравствените услуги во оваа земја. Ние исто така помагаме во системот за трансплантација како и во спроведувањето на Националната стратегија за здравство, а ЕУ исто така ќе помогне и во однос на подобрување на системот за скрининг и рано откривање на рак, како и превентивната програма, рече Гир. (7 февруари)
Македонско-словенечки бизнис форум за влијанието на климатските промени и геополитиката врз управувањето со ризици и бизнисот
Скопје – Влијанието на словенечките компании кои се веќе присутни во земјава, изнаоѓање на синергии за идна соработка, како и на кој начин да се сврти вниманието кон сите постоечки и очекувани локални и глобални предизвици е целта на бизнис форумот насловен: „The water is rising: Running a Business while Managing Crises“ што денеска се одржува во Скопје со повеќе од 150 учесници.
На настанот се разгледува влијанието на климатските промени и геополитиката врз управувањето со ризици и бизнисот, како може да се дешифрира динамиката на ризикот што брзо се развива во денешниот свет и како глобалните настани влијаат на нашата локална средина и регион.
– Целта на настанот е да се разговара за можностите за проширување на бизнисот помеѓу Северна Македонија и Словенија кој и сега е прилично голем, изјави словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, додавајќи дека соработката на полето на стопанството помеѓу Словенија и Северна Македонија е голема и додаде дека токму преку вакви настани се бараат и други можности за продлабочување на соработката. (7 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.