Брисел – Добро е што ја имаме 2030 година како датум на масата за проширување на ЕУ, но наместо на датумот, да се фокусираме на чекорите од преговорите, затоа што од моето искуство кога мојата земја Малта беше кандидат за членство, можам да кажам дека се потребни чекори и колку побрзо ги исполнувате препораките што ви се даваат, толку побрзо ќе бидете подготвени да го направите следниот чекор, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во интервју за Европската редакција (ЕНР), мрежа на новински агенции од цела Европа, чија членка е и МИА.
– Секоја земја има свој пат, но да не ги разочараме тие милиони луѓе кои на Европа гледаат како на свој дом, нагласи Мецола.
Според неа, дури и ако Украина и Молдавија се подготвени за старт на преговорите за членство, тогаш треба да им се овозможи да го започнат преговарачкиот процес, чекор по чекор. (27 септември)
Османи: Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ
Скопје – Најдобрата гаранција за зачувување на македонскиот идентитет по влезот во НАТО, е земјата да стане членка и на ЕУ, истакнува во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој забележува дека Северна Македонија е најмалтретираната држава во процесот на проширување на ЕУ.
Прашан дали има гаранции оти Бугарија нема да поставува натамошни барања по евентуалното усвојување на уставните измени, Османи вели дека никој не може да знае што ќе донесе следниот ден.
– За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања. Но, за мене е важно тоа што е на агендата на ЕУ, ништо друго, вели Османи. (28 септември)
Австрија предлага постепена интеграција на Западниот Балкан на патот кон полноправно членство во ЕУ
Брисел – Иако ја препознаваме важноста да се разговара за реформите во Унијата и за иднината на ЕУ, сметаме дека тоа не треба да се користи како изговор за одложување на процесот на проширување на нашите партнери од Западен Балкан, со кои преговараме со години и децении, се наведува во писмо на австриската Влада упатено до високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и до министрите за надворешни работи и европски прашања на членките на ЕУ.
Австрија бара ЕУ да презентира јасна агенда за етапна и забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан врз основа на „фер и ригорозни услови и принципот на поединечни заслуги“.
Во писмото се посочува дека Австрија целосно се согласува со важната порака што претседателката на ЕК ја нагласи во своето обраќање за „Состојбата на Унијата“ дека „Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“. (28 септември)
Вархеји најави нов план на ЕУ за економски раст на Западен Балкан
Тирана – Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји денеска изјави дека ЕУ подготвува нов план за забрзување на економскиот раст на Западен Балкан.
– Во сегашниот геополитички контекст, проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е повеќе од кога било инвестиција за мир, безбедност и просперитет на нашиот континент. Тоа е инвестиција за нашата заедничка иднина, за која оваа комисија работеше напорно од почетокот на својот мандат, презентирајќи нова методологија за проширување, одобрување и спроведување на план за инвестиции во економијата на регионот, рече еврокомесарот во видео обраќање на Форумот на министерите за економија од Западен Балкан и ЕУ во Тирана во рамки на Берлинскиот процес. (26 септември)
Во Демир Капија одбележани Европските денови на културното наследство
Демир Капија – Во Демир Капија денеска беа одбележани Европските денови на културното наследство, информираа попладнево од демиркапискиот Вински музеј.
– Заедно со дечињата од големата група од детската градинка „Борис Трајковски“, со воспитачката Милица и негувателката Виолета, ги одбележавме Европските денови на културното наследство, манифестација која секоја година се случува во повеќе од 50 држави во светот, а и ние сме дел од неа со нашите активности. Оваа година под мотото ,,Живо наследство”, нашиот настан со цртеж и боја беше насловен „Да ја оживееме магијата на кралската Вила Марија”, појаснија од Музејот, додавајќи дека за културното наследство учиме од мали нозе и со него треба да се запознаваме од најмала возраст. (27 септември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.