Скопје – Министрите од ДУИ поднеле оставки од функциите кои ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.
Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, стои во објавата на Али Ахмети на Фејсбук.
Ваквата одлука ја најави вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи и потпретседател на ДУИ, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени.
Сите нивни барања ги прифативме. Бараа ДУИ да излезе од Владата. Ставот на ДУИ е јасен, одлуката ќе се активира дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа. Дури може сега да ја потпишеме со одложено дејство и таа да влезе во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, рече Османи на средбата со новинарите. (30 јули)
Пуштен во употреба концептот оне-стоп-шоп на Ќафасан – Ќафтане
Скопје – Од денеска е пуштен во употреба концептот оне-стоп-шоп на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане со Република Албанија. Со овој концепт, според премиерот Димитар Ковачевски, се овозможува побрз проток на граѓаните од двете држави, но и на компаниите кои транспортираат производи на овој граничен премин.
Тој денеска во своето обраќање на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане потенцираше дека на овој начин се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз и кон трговија со други држави, а се овозможува и полесен пристап до пристаништата и до туристичките места во Албанија.
-Овозможувањето на проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските, комуникација помеѓу луѓето. Го зголемува и дружењето меѓу луѓето, нешто што цели половина век недостасуваше меѓу Албанија и тогашна Македонија, но сега претставуваме пример како треба да се однесуваат две соседни држави, рече Ковачевски. (31 јули)
Експертските групи од МНР на Северна Македонија и на Бугарија се состанале во Софија, следниот состанок во Скопје
Скопје – Експертските групи од МНР на Северна Македонија и на Бугарија одржале состанок во Софија, а кон крајот на септември се очекува да имаат нов состанок во Скопје.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи смета дека ова е добар почеток во комуникацијата со соседна Бугарија после кризата во односите меѓу двете држави пред неколку месеци.
Разговорите се одвиваа во конструктивна атмосфера, се разговараа сите аспекти на билатералната соработка помеѓу двете држави и ќе продолжуваат со поголем интензитет овие средби. Мислам дека веќе на крајот на септември може да биде наредната средба во Скопје. Продолжуваме со поредовна комуникација, бидејќи секогаш тезата ни била дека доколку ние не комуницираме, ќе дозволиме други да комуницираат, рече Османи на прес-конференција. (29 јули)
„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, економијата ќе се стабилизира, долгот ќе се одржува на стабилно ниво
Скопје – Економскиот раст во земјава на среден рок ќе се стабилизира, значаен имплус ќе даде приватната потрошувачка и инвестициите, вклучително и капиталните инвестиции. Дополнително влијание врз економските перспективи ќе има и напредокот во ЕУ интергацијата, која ќе придонесе и за зајакнување на структурните и институционалните капацитети, е нотирано во најновиот извештај на Агенцијата „Стандард и Пурс“ која го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ со стабилен изглед.
Во извештајот се наведува дека земјата ќе продолжи со фискалната консолдација, намалувањето на инфлацијата и заштитата на финансиската стабилност, како и со структурните реформи, а долгот ќе се одржува на стабилно ниво.
Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед, како што посочува Министерството за финансии, земјава го има во континуитет од 2013 година и е задржан и покрај здравствено-економската криза и ценовната и енергетската криза. (28 јули)
Шукова: Започнуваме со распределба на средства на општините за подобрување на водната инфраструктура
Скопје – Секоја од општините во земјава и општините во градот Скопје ќе добие по 200.000 евра подеднакво од заемот од Европската инвестициска банка за подобрување на водната инфраструктура, а од останата сума 16 милиони евра ќе бидат распределени согласно индексот за општински развој и процентот на распределба по планските региони според степенот за периодот од 2018 до 2023 година, додека од преостанатите 18 милиони евра 70 отсто ќе се распределуваат во зависност од бројот на население во општините, а 30 отсто од бројот на населените места.
Ова, како што рече министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова на денешната прес-конференција во Владата, е одлучено на последната владина седница. Вкупната вредност на заемот од ЕИБ за подобрување на водната инфраструктура на општините во нашата држава, додаде, изнесува 50 милиони евра и ќе се отплаќа од Буџетот, а крајни корисници на средствата од заемот се општините и општините во Градот Скопје.
-Mинистерството за животна средина и просторно плaнирање (МЖСПП) со секоја општина ќе склучува договор за донација, а средствата ќе се распределуваат по утврдена методологија за реализација на приоритетни инвестиции за водоснабдителни, канализациски системи, пречистителни станици и опрема. Сметам дека оваа распределба ќе обезбеди поттикнување на развојот и подобрување на социјално-економскиот параметар во сите општини, како и подобрување на животната средина и здравјето на населението, рече Шукова. (28 јули)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.