Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата, на која даде отчет за сто дена од сработеното на новата извршна власт, се осврна и на издвојувањето на Албанија од земјава во процесот во евроинтегративниот процес, напоменувајќи дека по ова прашање двете битни позиции се дека Владата никогаш нема да отстапи од полноправното членство во ЕУ, но и дека никогаш нема да направи нешто што е спротивно на националните интереси и стратешки определби на граѓаните.
– Ја уверувам македонската јавност за две работи. Како прво да веруваат дека оваа Влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, на националните интереси и стратешки правци на граѓаните. Нема никогаш да направи ниту една отстапка која ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани, без разлика, дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или останати. Втора работа, втора моја порака е дека како Влада никогаш нема да отстапиме од нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство од ЕУ и ако треба ќе разговараме со кого било и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис, кој е достоен, кој нема да повторно да ги повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите кои живеаат заедно со него, изјави Мицкоски.
Тој смета дека и двете стратешки цели може да се реализираат и дека не се во конфликт една со друга. За тоа што конкретно ќе преземе за продолжување на патот на евроинтеграциите, Мицкоски со одговор дека фокусот останува на ЕУ, на работата дома, на внатрешните реформи, но без дополнителни понижувања и отстапки.
– Не сме сами, имаме многу пријатели, многу пријатели кои се дел од европското семејство. Продолжуваме да градиме пријателства коишто се дел од европското семејство. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите и земјите членки на ЕУ и дека тоа е начинот и правиот пат, простете јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи, рече Мицкоски.
Во врска со одбивањето од страна на Бугарија на посредништвото, кое го понуди унгарскиот премиер Виктор Орбан за приближувањето на ставовите Скопје-Софија, Мицкоски рече дека жали што соседната држава има таков став, но изрази подготвеност за натамошни разговори. – Треба да се разговара, преговара, додека не се постигне решение и токму тоа го понуди мојот личен пријател и пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања. (1 октомври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.