Скопје – Споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ.
Мицкоски рече дека разговарале за предизвиците со кои се соочува регионот, и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“.
– Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот, рече Мицкоски, додавајќи дека разговарале и за енергетското поврзување на двете земји.
Српскиот премиер од своја страна, исткна дека Северна Македонија и Србија имаат традиционално добри односи и додаде дека клучно за Србија е изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас преку Северна Македонија.
– Силно го поддржуваме заедничкиот пат. Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Даваме целосна поддршка на Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мора од поодамна да даде можност на Северна Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата, тоа јавно сакаме да го кажеме и веруваме во заедничката европска судбина или приказна за целиот регион. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија, рече Вучевиќ, кој е во официјална посета на земјава. (7 октомври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.