Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје –  Државата нема да отстапи од реформите, а иако граѓаните се уморни од целиот процес и неоправдано сме во чекалната на ЕУ единствена стратешка цел за сите останува членството во Европската унија, порача премиерот Христијан Мицкоски, откако попладево ги доби копиите од Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2024 од евроамбасадорот Михалис Рокас.

На заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Рокас по приемот копијата од Извештајот, Мицкоски оцени дека документот дава реална слика за состојбите и за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди. 

– Човек мора реално да пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава. И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет – борбата против корупцијата. Сепак е добро кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите, рече Мицкоски.  

Тој истакна дека го охрабрува тоа што Европската комисија ги препознава напорите на неговата Влада за борбата против корупцијата, што како што нагласи, не беше случај во минатиот извештај. 

– Немаме време за губење. Не очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми, рече Мицкоски, истакнувајќи дека нема отстапување од реформите, бидејќи тие се единствениот начин за да се подобри животот на граѓаните и да се зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ. 

Евроамбасадорот Рокас, од своја страна, нагласи дека е важно што во овој Извештај нема нотирано назадување и посочи дека заедно со претставниците на Владата ќе се посветат за остварување поголем напредок. 

– Извештајот доаѓа во добар момент, само една недела по усвојувањето на реформската агенда од страна на Европската комисија и по посетата и претседателката (на ЕК, Урсула) фон дер Лајен, која потсети дека ова е одлична реформска агенда. Сега имаме целосна слика за она што Владата го има одобрено и го имаме Извештајот за напредок. Ова може да биде платформа на која што ќе можеме да работиме заедно во претстојната година, рече Рокас. (30 октомври)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.