Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба во Владата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, истакнал дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
Премиерот Мицкоски ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди.
-Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата, стои во соопштението на владината прес-служба.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека од претстојната посета на Скопје на Фон дер Лајен и средбата со неа очекува реафирмирање на позицијата дека нашата стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен за време на престојот во Скопје Фон дер Лајен се сретна и со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши. (15 октомври 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.