Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Се надевам дека во периодот кој што следи заеднички ќе го одблокираме овој процес, достоинствено, бидејќи една од суштинските европски вредности е токму достоинството. Претседателот Кошта кажа дека патот до полноправно членство во рамките на ЕУ е фрустрирачки, тежок и предизвикувачки, но ние како народ можеме да кажеме дека години го одиме најтешкиот пат. Факт е дека тој пат го одеа и другите народи кои што сега се дел од европското семејство, но граѓаните на оваа, една од најмалку бројните земји во срцето на Балканот и во Европа, го одеа и го одат најтешкиот пат ако може да се каже дека го одат бидејќи се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 20 години, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Мицкоски нагласи дека нашата посветеност во процесот на евроинтеграции ќе остане и ќе се засили во периодот кој што следи, затоа што, посочи, веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство, нагласувајќи дека евроинтегративниот процес се темели на вредности, не на билатерални прашања.

-Во оваа нова етапа, кога граѓаните ја препуштија одговорноста на новата македонска Влада, моја обврска како премиер е да зборувам отворено, искрено и достоинствено. Тоа го правам првенствено затоа што имам должноста кон народот, но и кон самата европска идеја што толку упорно настојуваме да ја реализираме. И достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство. Јас сум убеден дека имаме вредности, имаме капацитет, имаме знаење и знаеме како да го изодиме тој пат на најбрз начин, а со помошта која што лично ја дава претседателот Кошта и поддршката и помошта која што ја имаме и од Европската комисија и од земјите членки, сигурен сум дека ќе направиме квалитетни реформи и реформи кои што ќе обезбедат европска иднина за нашата држава и за нашите граѓани, истакна Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање дали ќе се остварат разговори со бугарската страна, Мицкоски рече дека е подготвен во било кое време да разговара за решавање на проблемот.

– Што се однесува до разговори со нашиот источен сосед, ќе ве потсетам, веќе претседателката имаше на ниво на претседатели неколку состаноци со нејзиниот колега од Бугарија. Така што, не е само состанокот на министерско ниво, а јас сум подготвен во било кое време, и таа подготвеност му ја пренесов на претседателот Кошта да дојдам во Брисел, дали во негово присуство, во присуство на претседателката Фон дер Лајен, да седиме и разговараме било кога и било колку да треба за да дојдеме до заедничко решение како и двете страни да испорачаат, рече Мицкоски.

Премиерот потсети дека Кошта го пренел она што е став на ЕУ, додека Владата го пренела веќе познатиот став, односно не можеме да менуваме Устав, без да видиме јасна испорака од другата страна.

– Нашиот став е јасен и принципиелен. Ние тоа не можеме да го прифатиме без да видиме добра волја испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, а тоа е бугарската страна. Никој кај нас нема проблем како дел од преамбулата да ги вметне да речеме, Хрватите, Црногорците, Словенците и останатите, затоа што имаме принципиелен однос со тие држави. Дури ни Португалците, ни Шпанците, ни Французите, немаме таков проблем. Не сме ние таква Влада ниту такви граѓани, ниту таков народ. Но, да имаме проблем и затоа сакаме да разговараме за да го решиме тој проблем. И ова е двонасочна улица, рече Мицкоски.

Не можам никогаш да се сложам на било што поврзано со промена на Уставот, продолжи премиерот, ако знам дека една земја-членка на ЕУ, се уште го доведува под прашање мојот мајчин македонски јазик и мојот македонски идентитет.

-Кога ќе имаме јасна позиција, и од страна на ЕУ, и од страна на сите земји членки околу многувековниот македонски идентитет, јазик, и околу вистинската желба да бидеме дел во европското семејство, но и почитување на европските институции како што е Европскиот суд за човекови права, тогаш јас сум тука подготвен да разговарам во секое време за се. Решавањето на проблемите е ако ги идентификуваме проблемите, а ако се држиме на формалности нема никогаш да ги решиме проблемите, истакна Мицкоски на заедничката прес-конференција со Кошта. (15 мај 2025

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.