Скопје – Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски во врска со утрешната посета на Скопје на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта истакна дека ќе бидат пренесени нашите ставови во врска со уставните измени.
– Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени и тука нема промена, затоа што од другата страна ние не гледаме барем во овој момент било каков сигнал дека има промена во однесувањето, односно од страна на нашиот источен сосед. Јас жалам што е тоа така и се надевам дека во периодот којшто следи повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање какви се очекувањата од посетата и какви пораки ќе бидат пренесени.
Мицкоски кажа и дека на покана на Кошта ќе го придружува на неговиот лет од Скопје до Тирана, каде што претседателот на Европскиот совет ќе приреди вечера за лидерите на земјите од Западниот Балкан, во пресрет на состанок на Евроспката политичка заедница в петок.
Полскиот амбасадор во земјава Мариуш Бримора, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, во интервју за МИА во петокот, рече дека посетата на Кошта е уште еден силен сигнал на приоритетите на ЕУ и оти фактот што го посетува Западниот Балкан и тоа што доаѓа во Скопје, е доказ дека ЕУ е подготвена за проширување.
Посетата на Кошта на Скопје е дел од неговата турнеја во земјите од Западен Балкан, во чии рамки вчера ги посети Белград и Сараево, а денеска Подгорица и Приштина.
Целта на посетата на Кошта на регионот е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата. – Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично, порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја. Тој нагласи дека заминува во посета на регионот за да разговара со лидерите на земјите од Западниот Балкан, кои „се соочуваат со постојани предизвици“ и за да покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне. (14 мај 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.