Скопје – Јас многупати кажувам дека мора да победуваме дома и тука немам никаква дилема, дека домашната задача е најважна, но мора да победуваме и во Лондон и во Брисел и во Париз и во Берлин и во Рим и во Вашингтон и во другите главни градови на земји-членки и на ЕУ, но и на влијателни држави во светот. Ќе се бориме за да ги браниме националните интереси и интересите на Македонија, генерално и на граѓаните. Иднината на државата е во рамките на ЕУ, тоа е една од нашите последни стратешки цели. Ќе сториме се што е во наша моќ да ја исполниме оваа стратешка цел, но истовремено да ги заштитиме македонските интереси, порача премиерот Христијан Мицкоски од Лондон.
По повеќето средби што ги оствари на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, истакна дека останува оптимист. Важно е, напомена, земјава да ја испорача домашната задача – реформите.
– Тоа ќе го правиме во периодот што следува. Очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот што го имаме во овој момент, но ајде да видиме, рековме – наша цел е да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси. Нормално дека пораката од нивна страна е дека местото на нашата земја е во рамките на ЕУ, како и генерално на целиот регион на Западен Балкан. Прилично инспиративна и конкретна дискусија имаше германскиот канцелар господинот Мерц, кој јасно кажа како го гледа регионот, нормално тоа е затворен состанок и сега не би сакал јас да ги зборувам деталите, но многу јасна насока даде, како го гледа регионот и кои се плановите за иднината на регионот поврзани со интеграцијата во рамките на ЕУ, нагласи премиерот за средбите со партнерите од ЕУ.
Според него, и дел од другите премиери и претседатели на земји членки на ЕУ имале јасна порака и јасен начин како го гледаат регионот во иднина.
Мицкоски информира дека остварил многу состаноци со високи претставници на кои разговарал за различни теми.
– Морам да кажам дека денот беше инспиративен, го почнав со средба со министерот на Франција за Европа, господинот Бенжамин Хадад, кој е исклучително близок на претседателот Макрон и на кој ги кажавме нашите позиции, односно позициите кои цело време ги повторуваме, дека мора да има испорака во дел на гаранции од страна на самата ЕУ, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамки на Министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн, рече Мицкоски.
Тоа не се дополнителни услови, рече, туку тоа значи партнерство, добрососедски односи помеѓу двете земји. (22 октомври 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.