Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски информира дека е остварена комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во Скопје по иницијативата за средба со бугарската страна и оти има предлог термин, за кој се чека да се изјасни Бугарија.
– Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, се уште немам повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна, рече денеска Мицкоски на новинарско прашање дали остварил комуникација со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и дали бугарската страна ќе прифати средба.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера изјави дека иако е правило да има средба со својот колега, не е проблем да разговара во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти бугарскиот претседател Румен Радев не доаѓа во Хаг.
– Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков, рече Сиљановска Давкова на новинарско прашање пред присуството на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“.
Прашана дали е потврдена евентуалната средба со Жељазков, Сиљановска Давкова посочи дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет и оттаму треба да дојде потврдата. (14 јуни 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.