Скопје – Ние како Влада не можеме да влеземе во наивен процес каде ние само ќе правиме отстапки без притоа да имаме јасна гаранција дека како држава ќе бидеме дел од европското семејство. Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира не можеме да бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеси кон полноправно членство во ЕУ и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно, но подготвени сме за разговори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Од она што можам да го слушнам и од она што можам да сведочам од тие разговори е дека кај одредени постои интерес за придвижување на регионот кон ЕУ. Тука нема никаква дилема и дека дел од тој регион сме и ние како држава. Нашата стратешка цел останува полноправно членство во ЕУ. Сите оние регионални иницијативи како што е Берлинскиот процес, ЦЕФТА и сл. ние ги поддржуваме бидејќи во рамките на истите цениме дека полесно можеме да ги артикулираме нашите ставови и треба да бидеме прецизни во тоа, но нашата главна стратешка цел е полноправно членство во ЕУ, нешто што го заслуживме многу одамна, рече Мицкоски на новинарско прашање дали на средбите со со европски функционери разговарал за намерата за усвојување на уставни измени со одложено дејство, и дали има некаква поддршка за тоа.
Тој нагласи дека уставни измени со одложено дејство се можно решение ако има гаранции за полноправно членство во ЕУ.
– Едно од можните решенија е ова вие што го напоменавте, но и тоа е условено под услов да имаме јасна гаранција за полноправно членство во рамките на ЕУ и тоа да биде во рамките на оние ветувања што ги даваа во 2018 година дека максимум ќе трае четири до пет години, а ние како Влада ќе дадеме се од себе тие преговори да ги реализираме. Но, од она што можам во моментот да го видам, а и што го слушаме дека никој ништо не може да ни гарантира. Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира не можеме ни ние да бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеси кон полноправно членство во ЕУ и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно, ќе бидеме фокусирани и на едниот и на другиот, ќе посветиме поголемо внимание на оној процес што зависи само од нас, а тоа е завршување на домашната задача. Доколку се појави двосмерна улица од другата ние сме тука, подготвени сме да разговараме, така што еве да оставиме да и двете страни, а не е доволно само едната да сака, потенцира Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потврди дека Владата ќе реагира во однос на укинувањето на Центарот за македонскиот јазик во Лерин со давање логистичка поддршка, но вели, нема да дозволат да бидат вовлечени од страна на соседна Грција во нивната внатрешна политичка расправа.
Апелацискиот суд во Кожани, Грција, деновиве донел одлука со која се поништува регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин. Активистите на Центарот најавија дека ќе ги искористат сите правни средства и оти ќе се жалат до грчкиот Врховен суд и до Судот за човекови права во Стразбур. (2 септември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.