Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Вешингтон – Премиерот Христијан Мицкоски смета дека како нација сме претрпеле премногу понижувања и сме прифатиле лоши договори во име на повисоки цели за евроатланските интеграции, а земјава се уште не е ниту на почетокот на патот за членство во ЕУ. Сега, вели тој, од нас се бараат повторно уставни измени, но, тоа сепак не гарантира извесност не евроинтегративниот пат.

– Ние како нација направивме се што можевме, претрпевме многу понижувања и прифативме многу лоши договори заради нашата европска перспектива и заради членството во НАТО, рече Мицкоски во обраќање на настан во Атлантскиот совет во Вашингтон посветен на иднината на трансатлантските релации на Западниот Балкан.

Фрустрациите помеѓу граѓаните на мојата земја, додава Мицкоски, се екстремно големи.

– Сведочам дека во време кога бевме во опозиција во 2018 многу луѓе од целиот свет, високи функционери од ЕУ, премиери од многу моќни НАТО земји, претседатели, членови на Европската комисија, не посетуваа и велеа само сменете го името овој пат веднаш ќе станете членови на НАТО, ќе почнете преговори со ЕУ и ќе ги завршите во период од 4 до 5 години и ќе станете дел од ЕУ. Тие 4-5 години поминаа пред 2 години и ние сме во иста ситуација како пред 20 години, но во меѓувреме го променивме знамето, валутата, името и се, истака Мицкоски. 

Пред нас, според него, сега е ново барање за промена на Уставот, кое не гарантира извесност не евроинтегративниот пат. – Кажете ми друг случај во Европа, кој е барем од далеку сличен со нашиот, не зборувам за приближно сличен. Овој пат рековме, ако Pacta sunt servanda се применува за нас, тогаш нека се применува за сите. Ако ние испорачуваме, тогаш очекуваме и другите да испорачаат, рече Мицкоски.

– Ние сега треба да ги внесеме неколку стотина наши сограѓани во уставната преамбула, што е опис на нашиот Устав. Зборуваме за бугарската заедница. Во нашиот устав ние имаме Македонци, Албанци, Срби, Турци, Бошњаци, Власи итн., па ако ги анализирате работите од таа перспектива тоа не е голема работа. Но, зошто да ги внесеме во преамбулата? Можеби зборуваме за човековите права, можеби некој ги крши човековите права на бугарската заедница? Кои сме ние политичарите да судиме дали нечии човечки права се нарушени? Има институција во Европа наречена Судот за човековите права во Стразбур која е одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не. И што вели таа институција во последните години? Тие беа јасни, 14 пати биле прекршени човековите права на македонската заедница во Бугарија и нула пати на бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет наспроти нула. Како да им го појасниме ова на граѓаните, зошто го правиме ова, а не добиваме ништо, истакна Мицкоски.

Според него, ова барање не е суштинско, бидејќи преговорите значат зајакнување на институции, подобрување на капацитетите на институциите, а не решавање на билатерални прашања. – Ние рековме ќе го спроведем ова, но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следат нови и нови барања и никој не знае кога тоа ќе заврши, изјави Мицкоски, додавајќи дека кога се зборува за европската иднина треба да се зборува за заеднички вредности, за вештачката интелигенција, за добрата животна средина, за економијата, за подобро образование, а не за нешто кое се случувало во средниот век. (21 февруари) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.