Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека ќе се изнајдат решенија и дека Европската Унија ќе најде механизми за земјава да го добие заслуженото место во Унијата. Во изјава за медимите дадена денеска од Желино, Мицкоски рече дека како држава ќе продолжиме да се однесуваме проевропски и дека Владата нема дилеми дека треба да гради добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија, но дека нема да дозволи ултиматуми. 

– Јас сум прагматичен човек и политичар и немам дилема дека треба да градиме добри односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија. Ние немаме никакви проблеми да го прошируваме нашиот Устав со дел од Хрватите што живеат кај нас, бидејќи Македонците се дел од хрватскиот Устав, немаме проблем да збруваме за Црногорци, Словенци итн. Но, имаме проблем да прифаќаме ултиматуми. Не сум човек кој прифаќа ултиматуми и никогаш нема да си дозволам да преговарам за нешто кое што знам дека претставува огромен проблем и фрустрација за македонските, албанските, турските граѓани и за сите оние што се составен дел од Уставот, рече Мицкоски. 

Тој верува дека ќе се најде начин и ќе се реши проблемот, но додава дека во колективната меморија ќе остане дека поранешниот шеф на дипломатијата преговарал за македонскиот идентитет.

– Ние ќе бараме начин, ќе градиме доверба и ќе го решиме ова, дали оваа генерација или некоја следна, тоа ќе го решиме, но ќе остане во колективната меморија каква штета нанесе тој човек на македонскиот идентитет и македонскиот народ. Проблемот што тој човек го направи, не доведе до ситуација од шампиони во Европа, да не можеме да почнеме се уште преговори со Европската Унија. Тој преговараше за македонскиот идентитет и направи грешка и ако мисли дела тоа сме го заборавиле, се лаже, рече Мицкоски.

Во пресрет на утрешната посета на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, Мицкоски рече дека има исклучително добри односи со неа и потсети дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е првиот министер од регионот што го потпиша договорот за надворешна и безбедносна политика со Унијата. 

Како дел од нејзината регионална турнеја, Калас денеска престојува во посета на Белград и Приштина, а утре доаѓа во Скопје. Таа ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе ја посети постојаната Балканска медицинска работна група. 

– Во следните два дена ќе ги посетам Србија, Косово и Северна Македонија и ќе се ангажирам со владите и граѓанското општество за нивниот пат кон ЕУ, објави утрово Калас пред почетокот на нејзината официјална посета на Белград. (22 мај 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.