Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски од престојната посета на Скопје на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен и средбата со неа очекува реафирмирање на позицијата дека нашата стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.

Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање истакна дека во текот на изминатите 25 години, чекорејќи по патот на ЕУ, Македонија полека го губела образот и достоинството, при што напомена дека оваа Влада повеќе нема намера тоа да го прави. 

– Очекувам да ги реафирмираме позициите дека нашата стратешка цел останува полноправно членство во рамки на ЕУ. Некако изминативе 25 години како полека да го изгубивме образот, чекорејќи по тој пат, како малку да остана од тоа достоинство и од тој образ чекорејќи кон тој пат. Се надевам дека ќе има испорака и од страна на ЕУ, за барем малку да го зачуваме образот пред да влеземе, затоа што со изгубен образ и доистинство ниту на нив нема да им вршиме работа, а оваа Влада нема намера повеќе да губи од достоинството и образот, порача Мицкоски.

Тој одговори и на прашањето за најавите на Фон дер Лајен за отворање на центри за вештачка интелигенција во Македонија и Србија, при што појасни дека тоа е проект, кој го туркала Владата, односно Министерството за дигитална трансформација. 

– Тоа е проект што го туркаше Владата, односно Министерството за дигитална трансформација. Тоа е нешто супер за граѓаните во Македононија, бидејќи прв пат ќе користиме наши домашни ресурси. Тоа го правевме со факултетите ФЕИТ и ФИНКИ, и тоа е нешто за кое јас навистина сум возбуден и среќен, рече Мицкоски и додаде дека станува збор за заедничко кофинансирање вредно околу пет милиони евра.

Појасни дека тоа значи дека практично македонските студенти  и експерти ќе можат да ги користат и црпат ресурсите, кои ги има самата ЕУ.

-И добро е што претседателката Фон дер Лајен тоа го најави. Станува збор за два проекта, од кој што едниот проект го добива Македонија, а вториот е проект што го добива Србија. Досега ги користевме искуствата и ресурсите од соседните држави отсега ќе имаме наш сопствен центар, кој ќе се занимава со вештачка интелигенција, додаде Мицкоски.   

Фон дер Лајен во рамки на турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан утре ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши(14 октомври 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.