Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Кавадарци изјави дека Владата работи на реализација на Реформската агенда во рамки на Планот за раст и очекува некаде во април да бидеме најдобри меѓу државите од Западниот Балкан.
– Мислам дека она што заостануваше, а беше влезено во овој грејс период од една година до јуни 2025, односно 8 или 10 од тие 12 чекори се веќе завршени. Најголем дел од чекорите што требаше да се завршат до крајот на декември се завршени, да видиме што треба да се заврши, да се дозаврши и полека од април да го фатиме чекорот да бидеме најдобри на Западниот Балкан. Тоа е нашата цел. Потоа оставаме на самата Европска Унија дали ќе дозволи да биде заложник на билатерализација или објективно ќе ги гледа постигнувањата на земјите кои се кандидати за членство, рече Мицкоски.
Тој најави дека викендов или најдоцна понеделник или вторник ќе има тематска средба за напредокот на Реформската агенда.
– Во минатото направивме многу работи за да се придвижиме кон тој процес напред, продолжуваме да правиме многу работи. Од тука имам состанок во мојот Кабинет за да ги дефинирам состаноците во периодот којшто следи. Очекувам овој викенд, ако не понеделник/вторник, да имам тематска средба за напредокот на Реформската агенда, да видиме до каде сме, што завршивме, што уште треба да се заврши, иако мислам дека многу работи поминавме на владина сендница, многу работи се веќе во Парламент, рече Мицкоски во изјава за медиумите при посетата на Општина Кавадарци. (1 јануари 2026)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
