Брисел – Две и пол децении по почнувањето на нашиот пат кон членство во ЕУ, ние се уште сме на истото место, не затоа што не ги исполнуваме Копенхашките критериуми, туку поради некои вештачки причини, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешниот Самит за проширувањето во Брисел, организиран од страна на телевизијата Еуроњуз.
Мицкоски потенцира дека земјава го започна патувањето кон ЕУ пред 25 години, кога го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Унијата, стана кандидатка за членство во 2005 година, заедно со Хрватска, со која заедно го доби и првиот позитивен извештај за започнување на преговорите во 2009, но за жал денес е на истото место каде што беше и пред 25 години.
– Не, поради Копенхашките критериуми, не поради неисполнување на некои обврски, туку поради некои вештачки спорови, како што се нашето национално знаме, нашето национално име, името на земјата, поради оваа промена на уставот, па потоа поради онаа. И сега повторно сме пред уште една пречка, уште едно ограничување наметнато пред нас за промена на Уставот, потенцира премиерот.
Мицкоски истакна дека и покрај сите овие пречки, ние се уште веруваме дека нашата иднина е во Европската Унија.
– Ние сме дел од европскиот континент и веруваме дека интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ претставува додадена вредност за самата ЕУ, а тоа значи еден вид реобединување на европски континент и мислам дека иднината на мојата земја и иднината на мојот народ, Македонците, е во Европската Унија. Затоа, и покрај сите овие понижувања и разочарувања и покрај сегашната фрустрација на нашите граѓани, се уште ги споделуваме истите вредности, истакна Мицкоски.
Тој потенцира дека кога Преспанскиот договор „беше на маса“, многумина од сите страни во странство не убедуваа дека ние сме лидери во регионот и сме далеку пред другите земји од Западниот Балкан и веднаш штом ќе најдеме решение за спорот со името со Грција ќе станеме членка на НАТО, а за четири или пет години и на ЕУ.
– Тие четири или пет години истекоа пред две години и ние сме на истото место каде што бевме пред две и пол децении. Зошто? Затоа што сега пред нас е нова пречка, ново ограничување, повторно промена на Уставот, рече Мицкоски.
Тој истакна дека доколку ЕУ дозволи ставање вета на некој кој сака да и се приклучи да функционира, тогаш тој рецепт ќе може да се користи и во други случаи, со што ќе се нарушат принципите и вредностите на кои е изградена Унијата.
– Самата Европска Унија треба да се запраша што прави. Што прави со едногласноста и дали е тоа во согласност со принципите и вредностите врз кои таа се развива. Не сум изненаден и веројатно ова ќе се случува и во иднина одново и одново, бидејќи функционира. Очигледно функционира, бидејќи пред две и пол децении го започнавме ова патување и сега сме на истото место каде што бевме и тогаш. Зошто, затоа што некој ја злоупотребува оваа алатка, истакна Мицкоски. (4 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
