Скопје – Кога зборуваме за единствениот пат мислиме на Европската Унија, ние со промена на Уставот нема да обезбедиме членство во ЕУ, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во дуелот со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на Канал 5. За Ковачевски, пак, со неносење одлуки државата останува во статус кво, односно назадува.
Посочи дека како ВМРО-ДПМНЕ јасно и прецизно кажале дека Преговарачката рамка вака како што е конципирано за партијата е неприфатлива и дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.
– Еве јавно го кажувам и директно го гледам господинот Ковачевски во очи и му кажувам дека нема да има, под овие услови, промена на Уставот, рече Мицкоски.
Според него, од минатото учиме да не ги правиме грешките во иднина и сите идни генерации треба да вложат повеќе енергија поради неговата и грешката на оваа Влада.
– До сега беше преговори по копенхашки критериуми, а сега и билатерален договор и сега треба да се враќаме назад да преговараме на основа на критериумите, а не како што направивте вие. Направивте голема грешка, вели Мицкоски.
Ковачевски, пак, рече дека ЕУ и членството во Унијата се единствената шанса за позитивни промени во нашата држава, а за правење исчекор напред кон членство во ЕУ и успешно зачленување во НАТО е потребна храброст и одлучност.
– Јас бев тој кој преговараше за европскиот предлог и тие преговори не беа лесни бидејќи се одвиваа во услови на најнарушени односи со Бугарија, во времето кога јас дојдов на чело на Владата. Во текот на тие преговори минавме низ еден тежок период. Меѓутоа на крајот на денот вие мора да донесете одлука, одлука за иднината и за визијата на државата, истакна Ковачевски.
Тој потсети дека на почеток на преговорите на маса биле прашањата кои се однесуваат на македонскиот идентитет и тогаш биле потребни трпение, храброст и знаење за тие преговори да бидат сведени на преговори за малцински прашања.
– Визијата на државата и подобра иднина зависи од носење одлуки, а не од неодлучност. Со неносење одлуки државата останува во статус кво, односно назадува. Ние, нашиот пат во ЕУ го започнавме во 2005 година заедно со Хрватска. Додека Хрватска се европеизираше, ние од 2005 до 2016 година се антиквизиравме и затоа велам дека ЕУ предлогот е најдобриот предлог кој Македонија можеше да го добие, предлог со кој имаме заштитен македонски јазик, култура и идентитет како дел од мозаикот на култури и идентитети на европските народи. Ние денеска преговораме со ЕУ, изјави Ковачевски.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.