Тирана – Не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие кои што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки во рамките на ЕУ. За мене суштината која што ја гледам е испораката, реформите, чекорите кои што ги исполнуваат. И се додека тоа е врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние како држава ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие кои што први ќе стигнат до конечната цел, изјави денеска во Тирана премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
– Доволно долго сме во овој процес повеќе од 25 години, 20 години откако сме земја кандидат и навистина тоа што ние го доживеавме попатно не би сакал никој друг да го доживее. Но, очигледно е дека кога еднаш ќе воспоставите некој исклучок како правило тоа станува правило и понатаму и другите земји членки можат да се повикаат на тој исклучок кој што претходно е воспоставен и да прерасне како правило. Така што навистина не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие кои што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки во рамките на ЕУ. За мене суштината која што ја гледам е испораката, реформите, чекорите кои што ги исполнуваат. И се додека тоа е врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние како држава ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие кои што први ќе стигнат до конечната цел, рече Мицкоски, кој денеска учествува на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст во Тирана.
Прашан дали има омекнување во ставовите на Европејците, премиерот со одговор дека зависи во кој дел и дека тој е повеќе концентриран на чекорите кои се дел од развојната агенда, односно развојниот план.
– Оние чекори кои што останаа во грејс период, а кои што претходно не беа испорачани, поради паузата за Локалните избори, ние веднаш после завршувањето на Локалните избори се фативме за работа и жестока испорака и до крајот на годината очекувам најмалку осум, а можеби и 10 од 12 неисполнети чекори, да бидат реализирани, рече Мицкоски. (21 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
