Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тоа што го зборуваат претставници на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.
– Пристигнуваат многу различни пораки од официјална Софија. Нашите стари рекле „помалку слушај што зборуваат повеќе гледај што работат“. Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП (АФЕТ) се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или „present“, и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред, така што имаат можност ова што го збруваат да го покажат и на дело, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Битола, прашан да ја искоментира вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев.
Мицкоски изрази очекување Софија да ја прифати средбата во рамки на состанокот на НАТО во Хаг, и како што истакна, „да се разговара и за Коридорот 8, да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед, и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“. (17 јуни 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.